Елена Голомеова потекнува од Штип, но последниве 15 години работи на француската оперска сцена. Првите чекори во пеењето ги направила на детските фестивали „Весело штурче“ и на „Златно славејче“, но патот ја одведе до оперските сцени во Ница и во Тулон, Франција.
Македонската публика ја памети како „Тина татина“, според истоимениот детски хит кој сѐ уште се врти на програмите, како и „Дропки-сопки“, „Дедо бара зелник“ и други, снимени меѓу 1994 и 1996 година. Елена својот животен пат ѝ го подредила на музиката. Завршила средно музичко училиште во Штип и во Скопје, а потоа се упатила на дооформување на образованието во Ница и во Париз. Во класата на професорката Мари Жозе Ролан Гање завршила студии по соло пеење, а потоа и магистратура, по што следувале и првите улоги.
Колку време живеете во Франција и посакувате ли да се вратите на македонската оперска сцена?
Голомеова: Во Франција живеам повеќе од 15 години, најпрво во Ница, каде дипломирав, а потоа заминав за Париз каде магистрирав. Целиот овој период имав поддршка од Францускиот културен центар и од амбасадата на Франција во Македонија. На овој начин се обидувам да ги поврзам македонската и француската култура. Доколку добијам покана од Македонската опера и доколку тоа може да се вклопи со моите ангажмани, секако дека со задоволство би настапила на македонската сцена.
Досега сте настапувале на бројни оперски сцени, сте толкувале значајни улоги, наскоро ќе настапите и во филм со француската филмска ѕвезда Жерар Депардје. Сметате ли дека уметноста може да го спаси светот?
Голомеова: Културата, а и уметностите преку неа, е таа што е главен носител на најважните пораки во светот. Само преку неа секогаш се доаѓало до заеднички јазик во многубројни конфликтни ситуации. Таа не познава религија и не знае за граници, меѓутоа неопходна ѝ е на секоја нација преку која истата се дефинира и се претставува. Како што вели Андре Малро, „само уметноста не познава времетраење“.
Каква е состојбата на уметниците во Европа? Со оглед на искуството што досега го стекнавте, сметате ли дека македонските уметници и уметноста во Македонија, воопшто, се соодветно вреднувани и третирани во споредба со европските држави? Ова не се однесува само на приходите, туку на посетеноста на оперски и театарски претстави, изложби, купување уметнички дела…
Голомеова: Видете, не можам многу обемно да ви одговорам на прашањето со оглед на тоа што веќе подолг период наназад не сум настапувала во Македонија и не сум имала можност да повлечам паралела меѓу овдешната сцена и европските сцени. Но, можам да ви кажам дека јас доаѓам од држава каде што културата е вреднувана на највисоко ниво. Во Франција се вложува во образованието на децата уште кога тие се мали, потоа се вложува во младите преку класични изведби на дела за нив во театрите и на оперските сцени. На уметноста ѝ се придава огромно внимание и сметам дека нашата држава треба да го земе примерот од францускиот поредок.
Зошто ја избравте Ница и Монте Карло за своја дестинација? Што беше пресудно?
Голомеова: Видете, Азурниот Брег кој се претставува преку градовите што ги споменавте – Монако и Монте Карло, но и Кан, Сен Тропе, се монденски места. Тие се едни од најубавите места на светот и човек многу лесно се одлучува да живее во тој дел од светот. Во еден ист ден можете да одите на скијање, затоа што Алпите се на само дваесет минути патување од крајбрежјето, за да се вратите поладне и да одите на море. Има мошне поволна клима, а тоа е еден од најважните услови за мене.
Разговараше: Невена Поповска
(Текст објавен во 157. број на неделникот „Република“, 4.09.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст