Билансот на загинатите во вчерашниот силен земјотрес со интензитет од 7,5 степени според Рихтеровата скала, кој го погоди североисточниот дел на Авганистан, а беше почувствуван и во Пакистан, Индија и Таџикистан, според најновите податоци достигна 359 лица.
Според официјалните податоци, бројот на загинатите во Пакистан достигна 275 лица, во Авганистан 80, а четри жртви има и во хималајските области на Индија.
Во Пакистан како повредени се регистрирани повеќе од 1.800 лица, а во Авганистан околу 260. Властите очекуваат бројот на жртвите и натаму да се зголемува, особено по добивањето на податоците од одалечените планиски области.
Како што јави ДПА, пакистански воени авиони денеска, 24 часа по земјотресот, пристигнале до планинските региони, каде што неколку илјади лица останаа отсечени од светот. Во рамките на оваа прва хуманитарна мисија по земјотресот авионите доставиле храна и лекови до жителите во областа Читрал.
Земјотресот беше регистриран на длабочина од 213,5 километри под површината на Земјата, со епицентар на 82 километри југоисточно од градот Фејзабад на планината Хиндукуш во Авганистан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.