| четврток, 6 декември 2018 |

Европа загрижена: едни се плашат од студена смрт на Балканот, други од распад на ЕУ

begalci dozd

Шефот на Европската комисија Жан Клод Јункер предупредил дека „зимата ќе го земе данокот во вид на бегалски животи кои ќе се смрзнат до смрт ако нешто не се преземе итно“. Од друга страна лидерите на земјите од ЕУ на чело со словенечкиот премиер Миро Церар предупредуваат дека ЕУ ќе се распадне.

– Секој ден се пресметува. Мораме нешто да направиме, инаку ќе гледаме тела на цели семејства како плутаат по ладните балкански реки, рекол Јункер на вчерашниот самит во Брисел.

Најреалната слика што ја докажува загриженоста на Јункер е забележана минатите денови на хрватската граница каде боси и полуголи бегалците безуспешно се обидуваат низ кал да се пробијат преку хрватските граничари.

Од друга страна, поедини лидери на европските земји изразија загриженост не поради животот на бегалците, туку поради распадот на ЕУ.

– Ако моментално не спроведеме некои клучни и конкретни чекори, верувам дека Европската унија ќе се распадне, рекол премиерот на Словенија Миро Церар.

Австрискиот канцелар Вернер Фајман не бил толку драматичен како Церар, но не ја исклучува можноста за распад на ЕУ.

– Неделниот состанок има два можни епилога, прво е консолидација на европското единство, а другиот е распад на ЕУ, рекол Фајман.

Хуманитарните организации веќе со недели аперилараат до ЕУ да најде консензус и да им помогне на мигрантите кои се смрзнуваат на границите на балканските земји.

– Зимата станува се посурова, а глетките од бегалците кои ноќите ги минуваат во шумите и на ниски температури претставуваат неспособност на ЕУ адекватно да одговорат на кризата, рекол Џон Далхујсен од Амнести интернешнал.

Лекарите без граници предупредуваат дека мигрантите може да умрат од студ и од недостаток на адекватна храна.

– Покрај тоа непходно е да се обезбедат адекватни објекти во кои бегалците можат да се стоплат, но и да се искапат, со оглед дека некои од нив со недели или со месеци немале можност да се искапат, што може да предизвика разни болести, велат од Лекари без граници.

ОН најавија план за донирање на неколку илјади кабаници, чизми и чорапи, за колку толку мигрантите да бидат заштитени од дождот и евентуално од снегот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top