| четврток, 6 декември 2018 |

Десетчлено семејство мора да се исели од руинирана барака

Десетчлено семејство од Охрид се соочува со проблем да остане без покрив над главата, поради тоа што живее во објект за кој не само што не поседува соодветна документација и не плаќа соодветен надомест, туку уште повеќе што станува збор за дотраена барака што може да се урне во секој момент.

По повод информациите на локалните медиуми во Охрид дека на семјеството Демо од Охрид им се заканува присилно иселување, се огласи директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор Цветко Грозданов, кој појасни дека луѓето треба што поскоро да ја напуштат бараката, како од законски, така и од безбедносни причини.

Грозданов повтори дека семејството Демо е диво вселено во бараката во која нема услови за нормален живот, како и дека тоа не ги исполнува условите наследно да добие станарско право бидејќи не поседува соодветни документи за тоа, ниту пак ги исполнува условите за добивање право на стан согласно Законот за решавање на статусот на диво вселени смејства од 2006 година, бидејќи тоа се вселило во бараката на улицата „Кленоец“ по стапувањето на сила на новата легислатива.

Најави дека АД за стопанисување со станбен и деловен простор нема да го исели семејството во дадениот рок, за да им даде време на надлежните институции да помогнат за надминување на несаканата ситуација.

–  Во ред е да се актуелизира проблемот за да му се помогне на семејството, но треба да се изнајде вистинскиот начин. Ние како АД не можеме тоа да го изнајдеме, за тоа постои комисија при Влада задолжена за решавање на станбените прашања и постои Министерството за транспорт и врски кои согласно закон ги доделуваат становите на социјално ранливите категории. Ние како АД единствено што може да направиме е по доделувањето на решенија од страна на овие два правни субјекти, да склучиме договор за користење со нив, со што тие се обврзуваат да плаќаат симболична закупнина, а ние за тоа сме должни да им ги одржуваме становите во исправна состојба. Јас жалам што десетчлено семејство треба се исели, но ние нема да ги иселиме за осум дена, што е законски рок. Многу такви решенија сме пуштиле, но не сме ги извршиле од човечки и морални причини, изјави рече Грозданов.

Социјалните бараки на улицата „Кленоец“ не се вклопени во Деталниот урбанистички план на општина Охрид, и оттаму АД за стопанисување со станбен и деловен простор нема обврска истите да ги одржува.

Грозданов предупреди дека ЈП не може да преземе врз себе одговорност за евентуални несакани последици доколку дојде до уривање на објектот, туку дека доколку семејството Демо се уште не може да најде покрив над главата мора да завери нотарски документ за преземање на одговорноста, по што ќе им биде даден дополнителен рок пред иселување.

Најавен е и ангажман на Центарот за социјална работа од Охрид во случајот, за да се помогне во комплетирање на потребната документација и нејзино доставување до надлежните институции што одлучуваат за решавање на станбено прашање за социјално загрозени семејства.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top