| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Македонија има капацитет да згрижи максимум 2.000 бегалци

Ако се затвори коридорот за транзит на бегалците, ќе мора некаде да се забави протокот на бегалците, и затоа во Грција се предвидува таков пункт, но бидејќи Македонија од јужната до северната граница има куса дестинација од 160 километри, нелогично е тие да остануваат. Сепак, капацитетите на Македонија се да згрижат до максимум 2.000 бегалци и тоа со помош на УНХЦР и на Црвениот крст.

ivanovslikas

Ова го посочи претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на брифингот со новинарите по завршувањето на денешниот мини-Самит на десет ЕУ-земји со Македонија, Србија и Албанија, јави МИА.

Според Иванов, нашата земја исто така не посакува да се случи затворање на коридорот, но, во таков случај, она што ќе го преземат членките на ЕУ ќе мора да го стори и нашата држава.

– Македонија е подготвена за сите сценарија, но не сакаме да дојде до тоа. Кооперативни сме да бидеме транзит-зона, бегалците да приоаѓаат и да не остануваат. Се надеваме дека нема да дојде до затворање на границите. Затоа е и свикан овој состанок, за да се најде решение. Се разговара за можни решенија и Македонија затоа учествува. За жал не сме во ЕУ, но мора да имаме информации за да се соочиме со сите предизвици во однос на бегалците – напомена Иванов.

Заблагодарувајќи му се на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, за тоа што Македонија за првпат учествува во работата кога се расправа за прашање од регионот, Иванов рече дека бегалската криза е голем предизвик, не само за ЕУ, туку за цела Европа како континент. Тој посочи дека се расправало како да се најдат решенија за овој огромен предизвик.

– За разлика од бегалците од Сирија и од Ирак кои сакат да се вратат во своите домови, бегалците од Африка тоа го немаат. Тоа ја усложнува состојбата, бидејќи нема размена на информации, нема комуникација меѓу сите земји на овој коридор. Македонија, како и во други случаи и во овој случај е парадокс, бидејќи сите бегалци доаѓаат од територија на ЕУ. Тоа го потенцирав и во мојот говор, бегалците требаше да дојдат за да се укаже кој е најбрзиот приод на Блискиот Исток кон Европа. Многумина заборавиле кои се коридорите кои одат кон ЕУ и ЕУ сега се соочува со овој предизвик од територија надвор од ЕУ, а тоа пред сѐ е Турција – посочи Иванов.

Според македонскиот претседател, на овој состанок се отвориле многу прашања, бидејќи досега секоја земја на свој начин го решава овој проблем. Но, со овој состанок се доаѓа до заедничко решавање и на ЕУ и на кандидатите за членство во Унијата и земјите на патот на коридорот на бегалците. Според него, се работи на изготвување на документ кој треба да ги земе предвид сите забелешки, што ќе доведе до регулирање на досега нерегулираните прашања меѓу членките и нечленките на ЕУ.

– За нас, како земји на коридорот, е во интерес што коридорот е уште отворен, а тоа е заслуга на германската канцеларка Ангела Меркел, која овозможува бегалците да се движат. Ако се затвори која било членка, тоа ќе ја усложни ситуацијата бидејќи нашата земја и нашиот регион немаат капацитет и можности да се соочат со толкав број бегалци. Тоа за нас и за Србија, но и за Хрватска и за Словенија, кои се исто така премногу финансиски истрошени, ќе биде проблем -посочи Иванов.

Претседателот на Република Македонија додаде дека сето ова е огромен товар за Македонија и дека сите ресурси се од сопствениот буџет. Досега Македонија добила само 90 илјади евра средства од ЕУ, а месечно троши милион евра за трошоци за безбедносните сили. Низ Македонија, според Иванов, поминале 7.000 деца без родители и затоа земјата бара финансиска, но и техничка помош, бидејќи нема опрема за земање на биометриски податоци кои би се користеле и од други земји на патот на регионот.

Тој посочи дека нема размена на информации меѓу службите, бидејќи емигрантите доаѓаат од кризни подрачја зафатени со воени операции и меѓу нив има луѓе од Балканот што се странски борци во Сирија и Ирак, кои преку бранот на бегалци се враќаат. Иванов посочи дека за нив треба процес на дерадикализација и социјализација. Тој рече дека не е решение тие луѓе да се апсат и да се носат носат во затвори, каде ќе инфицираат затвореници со идеите што ги повеле да одат во Сирија и Ирак.

– Иако Македонија нема финансиска помош, земјата се снаоѓа и единствено може да биде транзит-земја. Македонија нема капацитет за да може да задржи поголем број бегалци на своја територија ако коридорот се затвори – дециден е Иванов.

За тоа дали е можно европската гранична служба Фронтекс да се постави на границата меѓу Грција и Македонија, претседателот Иванов рече дека Грците се против.

– Грција е против тој предлог за поставување на Фронтекс на границата, поради нивното јавно мислење. Ќе го видиме финалниот текст. Грција инсистира тие прашања билатерално да се решаваат. Имавме разговор со нивниот премиер Алексис Ципрас, да ја истакнеме неопходноста од размена на податоци, кои засега ги немаме. Пред сѐ за тоа колку од островите од Грција доаѓаат на Пиреја и колку оттаму накај Македонија. Некогаш доаѓаат ненајавено и по десет илјади бегалци. Соработката е на ниско ниво и потребна е размена меѓу министерствата и владите. Разменуваме информации со Србија и со Хрватска преку полициите и такви информации ни се потребни и од грчка страна. Ципрас вети ќе се заложи да ги добиваме информациите, да најавуваат колку и кој ден доаѓаат бегалци и размена на чувствителни информации во врска со прашања на службите – одговори Иванов.

Според македонскиот претседател, има многу информации до кои нашата држава нема пристап, бидејќи Македонија ниту има пристап до базата со податоци на Фронтекс, ниту до оние на Шенген-зоната. А, според него и информациите што ние ги имаме на терен, немаме кому да ги соопштиме, што е важно за тоа каде одат емигрантите.

– Сето тоа е поради односите со Грција и нашето отворено прашање со оваа земја, па соработката на тој план не е досега соодветна. Цирпас вети дека ќе се заложи службите да разменуваат податоци и грчките официјални органи да соопштуваат кога ќе стапнат бегалците на тлото на Грција – истакна Иванов.

За тоа дали станало збор и за безбедносните прашања што може да ги предизвика бегалската криза, македонскиот претседател рече дека акцент се ставило на овој мини-Самит и на хуманитарноста и почитувањето на Женевската конвенција. Тој рече дека е штета што Турција не присуствувала на овој состанок за да може да ги каже своите ставови за ова прашање.

– Грција е првата земја-членка на ЕУ која мора да обезбеди капацитети каде што ќе бидат сместени и згрижени бегалците додека не бидат транзитирани. Затоа, оваа земја инсистира на капацитет од 30 илјади бегалци што да може да ги згрижат и дополнителни 20 илјади бегалци. Грција ќе добие помош од ЕУ да обезбеди прифаќање до крајот на годината на овие дополнителни 20 илјади бегалци.
На крајот на брифингот со новинарите, запрашан за можноста од крах на политичкиот договор од Пржино што може да доведе до губење на препораката за почеток на пристапните преговори со ЕУ од страна на Еврокомисијата, Ѓорге Иванов посочи дека е во Брисел заради емигрантската криза и побара „да се остават лидерите на политичките партии кои презеле обврска и потпишале договор, па тоа што го потпишале и да го реализираат и дека е нивна обврската и одговорноста“.
Преговорите за уредување на 16 точки – заклучоци на лидерите на 13 земји на емигрантската маршрута продолжија и по полноќ во Брисел.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top