Ќерката на поглавицата на племето Поухатан Алгонкин, иако живеела кон крајот на 16 и почетокот на 17 век и тоа само 22 години, останала запамтена до денес. Поради што се уште се сеќаваме на Покахонтас?
Во својот краток живот, таа била позната по повеќе имиња – Маотака, Амонута, Ребека Ролф и имала интересен животен пат, но историјата ја памти најчесто како Покахонтас, убавица која го спасила Џон Смит.
Покахонтас е родена во 1595 година во денешна Вирџинија. Нејзиното необично име Маотака на јазикот на нејзиниот народ значело „мала рибарка‟, а малку се знае за тоа како изгледал нејзиниот живот пред да го сретне англискиот капетан Џон Смит, бидејќи првите записи за неа потекнуваат од неговите писма.
Таа средба, која веројатно целосно го променила животот на Покахонтас, се случила во почетокот на 1608 година, кога Покахонтас имала 13 години. Капетанот Смит стигнал во овој дел на светот во април 1607 година и имал многу средби со домородците, ја истражувал околината и го запознавал Новиот свет. Меѓутоа, по кратко време Смит бил заробен од помладиот брат на поглавицата Поуханата, додека ја истражувал реката Чикахомини.
Судејќи според писмото кое капетанот го пратил на кралицата Ани во 1616 година, Покахонтас во моментот пред Смит да биде убиен, храбро истапила и се борела за неговиот живот и ослободување. Англичанецот набрзо безбедно се вратил во колонизираниот регион Џејмстаун, а Покахонтас често го посетувала. Според некои извори, таа доаѓала во Џејмстаун да си игра со децата и секои четири до пет дена донесувала толку храна што веројатно спасила животи на многу англиски војници.
Меѓутоа, бидејќи колонијата забрзано се ширела, племето на Покахонтас се чувствувало загрозено и нови судири меѓу народите биле неизбежни. Во еден судир Смит бил ранет и се вратил во Европа, а неговите соборци на народот на Покахонтас рекле дека тој е загинат, поради што таа долго верувала дека за секогаш го изгубила својот пријател и престанала да го посетува Џејмстаун.
Ако веруваме на историските податоци, Покахонтас и Џон Смит не биле љубовници, дури не биле ни во години во кои би можеле да бидат двојка. Првите записи кои ги опишуваат како вљубени се појавиле во 19 век, а таа верзија на приказната е збогатена со дополнителни детали во 1995 година, кога е снимен анимираниот филм кој ги претставува на тој начин.
Во март во 1613 година, поглавицата на племето Патавомека ја заробил Покахонтас и ја предал на колонистите за да се договорат со Англичаните за оружје и заробеници. Потоа, таа е одведена во Хенрикус (денешен округ Честерфилд), каде свештеникот Александар Витакер ја подучувал и покрстил. Набрзо Покахонтас го добила името Ребека и го совладала англискиот јазик и христијанските науки.
По една година Англичаните сакале да ја предадат на нејзиното племе за да издејствуваат мир, но Покахонтас се одлучила да остане меѓу Европјаните бидејќи татко и лесно ја дал. Како што објаснила на своите нови пријатели, нејзиниот татко ја сметал помалку вредна од англиското оружје, поради што таа сакала да живее со Англичаните.
Во текот на месеците поминати во Хенрикус, Покахонтас се зближила со вдовецот Џон Ролф, познат и успешен одгледувач на тутун. На петти април во 1614 година, Ролф и Покахонтас се венчале, а во почетокот на наредната година го добиле синот Томас.
Овој брак придонел за смирување на страстите меѓу завоените страни. Англичаните забележале какво влијание има индијанската принцеза, па одлучиле Покахонтас, со уште 11 свои сонародници, да отпатуваат во Англија.
Јавноста неочекувано добро реагирала на убавата Покахонтас, која ги сакала колонизаторите и по своја волја станала Ребека. Дури, таа и другите припадници на племето биле гости на дворот на Џејм Први. Во текот на посетата на Англија, Покахонтас го сретнала и Џон Смит, за кој со години верувала дека е мртов.
Во март 1617 година, Ролф и Покахонтас се качиле на брод за да се вратат во Вирџинија, но на самиот почеток на патот таа се почувствувала лошо. Поради тоа тие се симнале во Грејвсленд, а многу брзо Покахонтас тука и починала. Причина за смртта останала непозната, а денес постојат теории дека се работело за некоја болест која била честа во тоа време: воспаление на белите дробови, туберкулоза или сипаници, дури се верувало и дека индијанската принцеза можела да биде отруена.
Покахонтас била погребана во Грејвсленд, каде во 1727 година избил пожар кој ја уништил црквата и црковните гробишта, па не се знае точно каде е нејзиното гробно место.
Иако имала само едно дете, денес во САД живеат многу потомци на Џон Ролф и Покахонтас. Дури, бројни се познатите историски личности кои потекнуваат од нивниот син Томас – Едит Болинг Халф Вилсон (сопруга на 28 претседател на Америка Вудроу Вилсон), генерал Џорџ В. Рендолф, адмиралот Ричард Бирд, гувернерот Хари Ф. Бирд, Паулина де Ротшилд, Ненси Реган, Глен Стрејнџ, Персивал Ловел..
Национална географија – Вашингтон
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст