| четврток, 6 декември 2018 |

Владата со над 100 милиони евра годишно поддршка за домашните фирми

На првите сигнали на влијание на светската економска криза во земјава, обезбедени се средства од 350 милиони евра од ЕИБ. Ова е историски најголема линија која била пласирана во земјава. Претходно ваквите линии изнесувале само по неколку милиони евра

Над 100 милиони евра годишно се инјектираат кај домашните фирми преку кредитните линии на МБПР, фондот за иновации и технолошки развој и програмите за самовработување на АВРМ.

На првите сигнали на влијание на светската економска криза во земјава, обезбедени се средства од 350 милиони евра од ЕИБ. Ова е историски најголема линија која била пласирана во земјава. Претходно ваквите линии изнесувале само по неколку милиони евра.

– Досега од оваа кредитна линија искористени се 319 милиони евра од страна на 1.583 македонски мали и средни претпријатија кои овие пари ги инвестираа во исто толку проекти кои отворија 6.441 работно место, истакна вицепремиерот Ставрески.

Преку МБПР на домашните компании на располагање им се повеќе кредитни линии во висина од околу 50 милиони евра годишно со субвенционирана каматна стапка за купување на опрема и машини. МБПР нуди и осигурување на кредити за подготовка на извоз, осигурување на македонски инвестиции во странство, издавање на тендерска гаранција за градежни компании кои градат во странство, осигурување на извоз на капитални добра, осигурување на кредити на купувачи од странство на македонски производи. Исто така МБПР има пакет кредитни линии за финансирање на изградба на градинки и пензионерски домови, како и пакет за финансирање на купување и адаптација на мали сместувачки капацитети до 50 легла.

Преку МБПР на фирмите им стои на располагање и Земјоделскиот кредитен фонд во износ од 8,5 милиони евра со најповолни каматни стапки од 4 отсто за примарно земјоделство и 5 отсто за преработувачка индустрија и трговија.

Исто така, преку МБПР достапни се и други поволни кредитни линии за земјоделството со ниски фиксни каматни стапки од само 3 отсто.

Преку Фондот за иновации и технолошки развој, кој беше формиран минатата година на фирмите им се нудат 4 финансиски инструменти: грантови за старт-ап, спин оф компании и иновации до 30.000 евра, грантови и условени заеми за комерцијализација на иновацијата во износ до 100.000 евра, грантови за трансфер на технологија во износ до 200.000 евра и поддршка за формирање на акцелератори до 500.000 евра. Годинава Фондот располага со 2,5 милиони евра, а на првиот јавен повик, пријавени се 78 фирми.

Преку програмите за самовработување на Агенцијата за вработување исто така се пласираат пари кај фирмите.

Преку програмата за самовработување со кредитирање се обезбедува можност за подигање кредит во износ од 3.000 евра, односно до 5.000 евра во зависност од дејноста на бизнисот, со грејс период од 12 месеци и период на враќање 48 месеци. Преку програмата за кредитирање на правни субјекти за отворање на нови работни места компаниите за секој нов вработен – до пет вработени максимум, добиваат по 3.000 евра по вработен со каматна стапка од 1 отсто годишно. Преку Програмата за самовработување со кредитирање на млади лица до 29 години се предвидува на кредитобарателот да мусе одобрат до 7.000 евра, а за секое новоотворено работно место можат да му се одобрат дополнителни 4.000 евра при што се финансираат проекти со најмногу 5 работни места, односно 23.000 евра.

Средствата се одобруваат со каматна стапка од 1 отсто годишно со рок на враќање од 7 години и грејс период од 18 месеци. Со Програмата за кредитирање на правни субјекти за отворање на нови работни места за млади лица за компаниите кои имаат потреба од вработување млади лица им се одобрува дополнителни 1.000 евра по вработен на основниот износ од 3.000 евра. Со мерката ”Од идеја до бизнис” се доделува грант од 3.000 евра за новорегистриран сопствен бизнис. Со мерката ”Субвенционирано вработување” компаниите се субвенционираат со бруто-плата од 13.000 денари во период од 6 месеци по нововработен. Агенцијата овозможува и финансиска поддршка за отворање на нови работни места во мали и средни претпријатија и занаетчии од мал обем со неповратни средства во вид на опрема и материјали до 96.000 денари по работно место. Се субвенционираат и вработуваната на ранливите категории – деца без родители и инвалидни лица.

Владата ја подобрува ликвидноста и преку индиректни мерки. Така преку ослободувањето на задржаната добивка во периодот од 1.1.2009 до 1.1.2015 кај фирмите годишно остануваа од 80-100 милиони евра односно за период од 6 години над 500 милиони евра останаа кај фирмите на располагање наместо да бидат оданочени. Дополнително кај голем број институции како ЦРМ, Катастар и др. намалени се бројни надоместоци и трошоци што фирмите ги плаќаа. Заштедите на фирмите остварени по овој основ заради намалените надоместоци, лежарини и др. кај Царинската Управа се проценуваат на 12 милиони евра годишно односно за период од 9 години над 100 милиони евра.

Ова заедно со подобрениот пристап до кредити значително ја подобри финансиската позиција на фирмите и создаде можност и во услови на криза да се реализираат инвестиции, да се има средства за репроматеријали и работење, како и за вработените при што МКД е една од ретките земји кои во текот на светската економска и европската должничка криза немаше отпуштање на работници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top