| четврток, 6 декември 2018 |

Александар Кукулев: Моето прво филмско сценарио се претвори во визуелна приказна која ќе трае

Јас сум човек кој сака работите да му бидат јасни, посебно кога станува збор за историјата на Македонија. Тука го наоѓам предизвикот со кој уживам да се борам, а тоа е белиот лист хартија, вели Кукулев

Александар Кулулев-Сашко е ѕвездата на велешкиот радиоетер. Осумнаесет години, секој вторник и петок, на фреквенцијата на Радио Велес, во седум часот ги буди и до 11 часот ги забавува своите верни слушатели… Вака, приближно, би изгледала најавата за Сашо Кукулев пред извесно време, но сега сте на друго работно место. Ви недостига ли радиото? 

Кулулев: Секогаш носталгично се сеќавам на тоа време, на таа прекрасна радиоприказна која траеше цели осумнаесет години. На радиото како медиум му приоѓав многу сериозно и многу посветено, а за возврат добив многу убави моменти, пријателства што траат и искуство што не се стекнува на ниту едно друго место. Пред некој ден бев гостин во „Радио Слободна Македонија“ и пак се врати она чувство кога микрофонот те обзема со својата волшебност. Кој да знае… чудни се патиштата Господови, можеби еден ден пак ќе си се сретнеме.

 

На меѓународниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ премиерно беше прикажан филмот „Последниот Македонец“, работен по ваше сценарио… Премиерата помина одлично, беше проследена со бурен аплауз и со овации. Откако легнаа впечатоците, како се чувствувате сега, како гледате на филмот и ќе има ли други проекции наскоро? 

Кулулев: Многу сум среќен поради тоа. Во Битола поминавме одлично, првите критики се феноменални, некои медиуми за „Последниот Македонец“ веќе пишуваа како за епско остварување, а јас длабоко сакам да верувам дека се во право. Има одлична екипа составена од вдахновениот режисер Илија Пиперковски, мајсторот на филмската фотографија, Дејан Димевски, кому секој кадар од филмот му е мало ремек-дело, Дано Стефков, кој како монтажер се надмина себеси и одлично избраната актерската екипа, „Тринити продукција“, која со застрашувачка сериозност влезе во овој проект. Навистина сум среќен како моето прво филмско сценарио се претвори во визуелна приказна која, сигурен сум, долго ќе трае.

Aleksandar-Kukulev-kult163-2

Aтентатoт во Марсеј врз тогашниот југословенски крал Александар Први Караѓорѓевиќ од страна на членот на ВМРО, Владо Черноземски, е темата на Вашата книга „Патувањата на Петар Келемен“. Од каде идејата за ова дело? 

Кулулев: Точно пред една година во Скопје се случи промоцијата на „Патувањето на Петар Келемен“. Јас сум човек кој сака работите да му бидат јасни, посебно кога станува збор за историјата на Македонија. Настаните од октомври 1934 во Марсеј за мене беа своевидна мистерија. Ликот на Владо Черноземски исто така. За него сите знаеја, истовремено не знаејќи ништо. Бев непријатно изненаден како по 80 години никој во Македонија не видел предизвик во расветлувањето на овие настани кои дури сме ги опејале во песни, а за кои, всушност, знаеме многу малку. Почнав со истражување и го напишав романот кој не претендира да стане училишна лекција по историја, но сигурно е одлична основа за понатамошно доосветлување на овој историски настан кој беше вовед во Втората светска војна. Присуството на неколку амбасадори и голем број воени аташеа на промоцијата во Скопје, за мене беше потврда дека романот тематски е полн погодок за читателската публика. Тиражот од 1000 примероци е одамна распродаден.

 

Излезе од печат и поемата „Џез“- Вашата прва  книга со поезија. Станува збор за несекојдневно поетско дело, кое освен во печатено издание го има и на цеде… Ќе следуваат ли уште поетски збирки?

Кулулев: Посебно сум горд на „Џез“. Го сметам за врв на моето скромно творештво. Еден од рецензентите на поемата е претседателот на Светската академија за науки и уметности, д-р Иво Шлаус, податок што сам по себе прави да се чувствувам среќен. „Џез“ покажа дека современата македонска поезија може да помине и со задоволство да биде читана од американската, индиската, руската или од германската читателска публика. Книгата која содржи и цеде со интерпретација на стиховите искомбинирана со музика, можеби и не е нов пристап, но дефинитивно помага во дополнителна промоција на делото.

 

Новинар, поет, сценарист, писател… Каде најмногу се пронаоѓа Александар Кукулев?

Кулулев: Сите овие наведени категории го нудат предизвикот со кој уживам да се борам, а тоа е белиот лист хартија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top