| четврток, 6 декември 2018 |

Уште недоисплатени едни, стигнаа други штети

Сегашните поплави претставуваат своевидна реприза на пролетните поплави, кога исто така штетите беа огромни, како за земјоделците, така и за граѓаните кои цехот на поплавите го платија преку поскапи земјоделски производи. Сѐ на сѐ, климатските промени го прават своето, ставајќи го аграрот во позиција да се бори со последиците од нив, без здив и можности да вложува во предизвиците за побогато и поквалитетно производство

Нивите претворени во езера, измиена почва, несобрани есенски култури, поплавени куќи, уништени домаќинства. Ова е сликата која деновиве може да се види во повеќе региони во земјава, направена од поплавите предизвикани од обилните врнежи од дожд. Колкави се точно штетите допрва ќе се проценува, но првичните согледувања говорат дека тие се големи и дека земјоделството е ставено во многу незавидна ситуација, па во услови кога сѐ уште не се доисплатени претходните штети, веќе се создаваат нови. Сегашните поплави претставуваат своевидна реприза на пролетните поплави, кога, исто така, штетите беа огромни, како за земјоделците, така и за граѓаните кои цехот на поплавите го платија преку поскапи земјоделски производи. Сѐ на сѐ, климатските промени го прават своето, ставајќи го аграрот во позиција да се бори со последиците од нив, без здив и можности да вложува во предизвиците за побогато и поквалитетно производство. Единствена помош во вакви услови доаѓа од владата, која несебично му помага на овој сектор преку покривање на штетите од природните непогоди, но природата очигледно е побрза и од оваа помош. Најлошото во ваква ситуација е што метеоролозите најавуваат нови врнежи, па земјоделците се исплашени од влошување на состојбата на терен.

– Уште не се исплатени парите за штетата од претходните поплави, а веќе се направени нови штети. За нашиот земјоделец климатските промени се кошмар со кој тој сѐ потешко се соочува. Елементарните непогоди не можат да се избегнат, но може и треба да се најде модел за ублажување на последиците од нив. Еден од моделите за намалување на штетите е чистење на каналите и сливните подрачја, бидејќи кога се тие затнати, секој, па и најмал дожд ќе предизвика поплава. За нечистите канали сите се виновни, бидејќи луѓето ги полнат каналите со смет, а кога ќе се случи поплава, тогаш обвинуваат некој друг. Втор модел за помали штети е осигурување на посевите, што е единствен начин за делумна финансиска поткрепа во услови на вакви кризни ситуации – вели претседателот на Федерацијата на фармери на Македонија, Никола Стаменов.

Тој нагласува дека поплавите ќе влијаат врз увозната зависност од храна на земјава.

– По нивите има многу култури кои сѐ уште не се собрани, како што се фуражните култури, сончогледот, грозјето. Собирањето на она што остана ќе доцни, па ќе се чека да се исуши малку земјата за да се подготви за есенска сеидба, што пак ќе значи пробивање на роковите и нови штети – додава Стаменов.

Агроекспертите објаснуваат дека почвата е максимално заситена со вода.

– Нема капацитет да прими повеќе и водата лежи над површината. Каналите, пак, се преполни. Наместо да ја исцедуваат, ја враќаат водата од реките. За дел од културите ќе биде проблем измивањето на хранливите материи од почвата и нивно разнесување по други места. Измивањето на површината воедно ќе донесе покрупни камчиња и неплоден слој. За да се среди сето тоа, потребно е време. Загубите на родот во секој случај ќе бидат многу помали во однос на штетите што ќе ги предизвика деградацијата на земјиштето. Ќе биде потребен подолг период додека почвата да се врати во првобитната состојба за да може да се обработува – додаваат агроекспертите.

Поради обилните врнежи од дожд што изминатиов период ја зафатија земјава, во Кочанско, токму сега кога требаше да почне жетвата, голем дел од површините со ориз се под вода. Земјоделците  кои претходно се надеваа дека годинава ќе имаат добар род, сега загрижени велат дека голем дел од посевите се уништени, а штетите допрва ќе се проценуваат.

Обилните врнежи од дожд ја стопираа и бербата на грозјето. Лозари те стравуваат дека не само што нема да можат навреме да го соберат родот, туку и дека поради врнежите од дожд, грозјето ќе има помалку шеќерни единици што пак значи и пониска откупна цена.

Ништо подобра не е состојбата ниту со житните култури. Во пелагонискиот дел поради поројните врнежи од дожд е прекината есенската седба, а голем дел од посевите со пченка и онаа пченица што веќе е посеана, се уништени, а има поплавени и површини со црвена пиперка.

Годинешната  жетва на пченицата беше со преполовени приноси и намалено производство поради поплавите што пролетва ја зафатија земјата, особено во најголемата житница Пелагонија. Сега доколку се пролонгира есенската сеидба, но и ако површините бидат длабоко уништени од сегашните поплави, и годинава, односно наредната година се очекува потфрлање на родот на пченицата.

Според заменикот на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ванчо Костадиновски, временските неприлики предизвикаа штети, не само во земјоделството, туку и во домовите на многу граѓани.

– Ние како влада веднаш реагиравме, испраќајќи механизација на терен за да помогне во соочувањето со последиците од поплавите. Што се однесува до штетите, не можеме да кажеме колкави се тие, бидејќи сѐ уште се прават проценки на терен. Кога ќе добиеме финална слика за штетите, ќе знаеме точно колкави се тие – изјави Костадиновски.

Поројните врнежи од дожд предизвикаа штети во повеќе региони во Македонија. Имаше пораст на водостоите на реката Вардар на потегот Удово – Демир Капија, како и на нивото на Црна Река во Прилеп, а се излеаја реките во тетовските села Мала и Голема Речица. Најкритично беше во Охрид каде што наврнаа 90 литри дожд на квадратен метар, а поради затнатите канали водата се излеа на улиците во некои делови од градот и поплави голем број куќи, фирми и угостителски објекти. Надлежите уверуваат дека состојбата се следи. Нови врнежи од дожд, според УХМР, се очекуваат и наредниве денови.

Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 163. број на неделникот „Република“, 16.10.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top