Ставот на Светскиот архиерејски синод на МПЦ-ОА кој се однесува на верниците во Австралија е донесен едногласно. Црковните општини со расчинетите свештеници не ги почитуваат црковните канони и одлуките на САС, изјави денеска митрополитот Преспанско-пелагонски и администатор Австралиско-новозеландски г. Петар.
На прес-конференцијата на која ја образложи одлуката на САС за повторување на обредите за крштевки, венчавки и погреби бидејќи тие се извршени од страна на расчинети свештеници, митрополитот Петар рече дека пет црковни општини од Австралија целосно ги суспендирале црковните закони и оти нивната цел е да формираат т.н. компаниски општини со кои ќе управуваат.
– Имаме пет општини кои никогаш не прифатиле ниту јурисдикција на МПЦ, ниту правилници одобрени од САС, ниту Устав на МПЦ. Ништо не прифаќаат, а се сметаат дека се првите општини во епархијата. Синодот првпат пресече дека ќе се решаваат проблемите на МПЦ во Австралија согласно со светите канони, Уставот на МПЦ и прописите. Досега ако се толерираа одредени работи тоа се правеше со цел да се утврди кој е виновникот бидејќи цело време се велеше дека митролитот Петар и оној којшто ги прави проблемите. Ако јас ги правев проблемите, тогаш немаше кај мене да останат 11 црковни општини со цркви и уште други шест кои немаат цркви – истакна митрополитот Петар.
Светскиот архиерејски синод при МПЦ донесе одлука со која заклучно до 30 септември следната година треба да се повторат обредите за крштевки, венчавки и погреби бидејќи верниците биле измамени. До 30 септември следната година ваквите обреди ќе се извршуваат бесплатно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.