На миропомазание, или, сепак, по прошка во Ерусалим? Поверојатно второто и, најверојатно, во Тел Авив. Бадијала одбрани медиуми и подготвени сценарија, вистински кошмар е кога имате лидер што не знае да ги скрие своите емоции и располага со фацијална експресија, која, едноставно, открива сѐ. Колку и службите за т.н. „односи со јавноста“ и советниците да се обидуваат да го намалат ризикот од лидеровата „дарба“ да признае сѐ, тие, сепак, не се волшебници ниту, пак, искрено, толку многу им се работи. Ерусалим е врвот, а спасителот од Муртино и така одамна игра ролја преголема за сопствениот талент, велат познавачите на состојбите. Ова е уште една карактеристика на луѓето што користат трето лице еднина за себе, констатираат психолозите…
Како и да е, наеднаш се наоѓа во Израел, во ситуација во која дејствата, замислени како „бомби“ или средство за враќање на власт во матичната земја, многу ги надминаа границите на државата во која сака да владее. Настрана што лидерот, кој има обичај пеш да минува граници, одеднаш мора да лета со авион за да стигне на отчет и на прошка во, според навестувањата, дотичната оштетена држава. Таа, пак, за инвентивно и интелигентно, како и целата своја организираност и дејствување, да ја замачка и маскира работата – обезбедува и средба со претседателот. Нејсе што траењето се мери во секунди и единствен доказ е снимката од мобилен телефон на некој од екипата на опозицискиот лидер, целта е постигната. Молчат и прес-службите од кабинетот, но од другава страна со фанфари и химни го воспеваат величествениот од по палатата. И толку. Од средбата ништо конкретно. Следниот соговорник го демантира, но тоа не го спречува да продолжи со приказната. Сите, пак, се прашуваат – што бара тој таму? А логиката е многу едноставна. Прошка. И ништо повеќе.
А тие? Информации за неделото. И ништо помалку… Вистината е дека Мосад, една од најдобрите светски безбедносни служби, има неверојатно богато искуство со „бомбаши“. Вистински. Настрана, тешко дека ѝ верува на специјалната обвинителка со посебни, милионски потреби. Од прва рака си е од прва рака…
Кога ќе ве сопне протоколот
Подготовките на советниците траеја долго. Свесни дека немаат лесна задача во „перење“ и „пеглање“ на посетата, не залудно, со себе зедоа и соодветни, подобни медиуми, кои нема ни на крај на умот да прашаат нешто непријатно и погрешно. Па и така, партијата се „бори“ за медиумските слободи во Македонија, не во Израел, нели?! Оваа стара и позната практика веќе е партиска класика. Повеќе пати ја применија и во Брисел. А тоа на што треба да одговорат е кој го плати патот и сместувањето на медиумите. Најверојатно, тој лично го платил „аранжманот“. Па, нели, како што самиот призна – Заеви се најголемите финансиери на опозицијата. Неколку евра од кај Вицето заминале и во Израел.
Сепак, можеле и подобро да се подготват. Особено околу протоколот. Едноставно, каде и да е во светот, на државничка средба со претседател на држава, особено во Израел, не се оди со светлосив костум, сина кошула и со црна вратоврска! Строгиот, државнички код на облекување налага темен костум и бела кошула. Упс! Статива… Реалноста е повеќе од едноставна и ја откриваат двете други средби – Заев беше повикан на разговор во Министерството за внатрешни работи на Израел и во тајната служба Мосад, што на никој начин не се совпадна со приказната за посета од тип што СДСМ сакаше да ѝ го продаде на јавноста.
Даштевски: Дали е ова извинувањето на Заев за штетата?
Пред да се анализира самата посета, треба да се постави прашањето, зошто се случува токму сега и зошто токму на таа држава, вели доцент д-р Александар Даштевски, чијшто ресор е меѓународното право. Според него, има држави каде што на власт се социјал-демократски партии, па, можеби, во овие тешки моменти за опозицијата посетата на таква држава би била многу покорисна за Заев отколку посетата на Израел?
ДАШТЕВСКИ: Во контекст на прашањето, како клучна солуција треба да се постави дали ова е извинување за штетата што Заев ѝ ја направи на државата Израел во текот на еуфоријата на објавувањето на прислушуваните разговори, таканаречени „бомби“. Тогаш Заев непромислено објави разговор на израелски оперативец од Министерството за одбрана, а по разговорот ја објави неговата патна исправа, што не е дозволено ни според нашите позитивно правни прописи бидејќи личните податоци се заштитени според закон, а да не говориме за странски државјани. Ваков случај не е забележан во светот. Ние сме сведоци на разни активности на тајните служби, но никогаш не се пуштени разговори меѓу нивните службеници, ниту се објавувани нивните лични податоци.
Израелската армија е меѓу првите десет во светот, а нивната тајна служба Мосад е меѓу првите пет. Се работи за исклучително професионална и сериозна служба, која не дозволува вакви преседани. Кога ќе се нанесе штета на службата, како што направи Заев откривајќи лични податоци на нејзин оперативец, со што директно ја загрози неговата безбедност и ја компромитираше државата Израел, која не дозволува да ѝ се случуваат вакви удари, тој се доведе и себеси во опасна состојба.
Неговата служба за односи со јавноста има направено процена, посочува Даштевски, дека таа грешка може да биде многу опасна за Заев и за неговата партија, па оваа посета, за која силно е лобирано, може да се смета како обид за извинување од негова страна.
ДАШТЕВСКИ: За добрите познавачи на состојбите во меѓународната политика е јасно дека Израел може да го прими од дипломатски причини во куртоазна посета, но никогаш нема да му ја прости грешката. Од добивање на независноста во 1947 година до денес, во односите со целиот свет тие го применуваат талионското начело. Тоа значи дека на Заев и на неговата партија ќе им биде вратено со иста мера – дали директно или индиректно, но тие ќе бидат искомпромитирани.
Да се потсетиме на убиството на израелските спортисти на Олимписките игри во Минхен во 1972 година. Тогаш беа убиени двајца атлетичари, а девет беа држени во заложништво и потоа убиени од страна на палестинската терористичка организација 8 Септември. Израелската влада дваесет години спроведуваше атентати врз сите што учествувале во планирање на овој чин, сѐ додека не го уби и последниот учесник.
Затоа можеме да заклучиме дека оваа куртоазна посета, која е обична пародија, треба да се толкува како опасен чекор за Заев, од причини што доколку Израелците го заборавиле тоа што го направил, немаше да го примат. По посетата, со сигурност, може да се очекува тие да му вратат на ист начин за тоа што им го направи.
Никовски: Во Израел му одржаа лекција
Посетата на Заев на Израел, секако, претставува изненадување, вели поранешниот амбасадор и државен секретар во МНР, Ристо Никовски, според кој по логиката на нештата, тој беше таму на нивна покана и нема никаква основа, ниту каков било мотив, иницијативата да е на Заев. Впрочем, и да беше, ќе наидеше на сосем поинаков третман, цени Никовски, а, aко веќе го поканиле, морале да имаат сериозна причина.
НИКОВСКИ: Ако се обидеме да го прецизираме поводот, немаме голем избор. Единствениот мотив за Израелците може да бидат само „бомбите“. Приказната за нив и врската со Израел добро ги знаеме. Дека е тоа рамката на посетата покажуваат и двете главни средби што ги има Заев во Тел Авив – со заменикот премиер и министер за внатрешни работи и со вториот човек на нивната тајна служба – Мосад. Значи, со структурите што се надлежни за безбедноста. Не треба да има дилема: темата може да биде само соработката меѓу двете земји на безбедносен план. Ако е така, а така изгледа, причината може да биде само ударот што го доживеа таа соработка со објавувањето на „бомбите“. Друго објаснување нема, ниту може да има.
Некој ќе праша – а, зошто го примил претседателот на државата? Тоа е голема чест за Заев. Тоа е точно. Меѓутоа, објаснувањето е едноставно: безбедноста на Израел е клучен приоритет за земјата. Знаеме и зошто: околу шест милиони Евреи се опколени со преку 130 милиони непријателски расположени Арапи. Од тие причини, Мосад е држава во државата. Тоа е една од најсилните и најспособни тајни служби во светот. Така, приемот кај претседателот, кој сигурно траел кратко, е порака дека никој не треба да си игра со нивната безбедност, а најмалку да објавува податоци за нивни агенти. Тоа го потврди и Заев пренесувајќи ја пораката на претседателот: „обврска на политичарите е да се грижат за безбедноста на граѓаните!“ Или, со други зборови – да не ги уриваат сопствените и туѓите безбедносни системи!
Израел е свесен дека ни претстојат избори, вели Никовски и со овој потег, тие сакаат да се обезбедат од нови неодговорни потези на Заев и неговите.
НИКОВСКИ: Заев, оправдано се гордее со честа што му беше приредена и долго ќе се фали со сликите од посетата. Сепак, таму му беше одржана лекција што ќе ја памти и која мораше многу порано да ја научи. На пример, дека нема земја во светот во која не се прислушуваат дипломатите, кои, за „возврат“, во амбасадите имаат „глуви соби“ за колегиумите, за да не им се пикаат туѓи уши!
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 163. број на неделникот „Република“, 16.10.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.