Пратеничката Нола Исмајлоска – Старова од редовите на ВМРО-ДПМНЕ не е типичен претставник на една од партиите во македонскиот парламент. Како жена што доаѓа од провинција (живее во Струга), како млад човек и членка на македонската десница, која има поинакви карактеристики од традиционалната партиска матрица на најголемата партија, таа е претставничка на новата генерација македонски политичари, кои ги напуштаат старите етнички и религиозни предрасуди и работат за единство на сите граѓани, без разлика на верата и на нацијата, а во интерес на Македонија. Иако е пратеничка веќе една и пол година, таа во фокусот на македонската јавност дојде откако беше цел на непримерното однесување на пратеникот од редовите на Партијата за движење на Турците, Енес Ибрахим, кој ја обвини дека на двапати ја менувала својата националност за да стане Македонка. Младата, но спокојна Исмајлоска – Старова на навредите одговори достоинствено и со тоа ги здоби симпатиите на сите граѓани на Македонија, без разлика на нивната националност или вера.
Минатата недела бевте цел на непримерен напад од Ваш колега во пратеничките клупи. Разбра ли пратеникот Ибрахим по инцидентот дека направил сериозна грешка со употреба на навреди на национална основа за која би требало да има и политичка и кривична одговорност?
ИСМАЈЛОСКА – СТАРОВА: Задоволството со кое говореше колегата додека цинично ги изговараше зборовите : „До пред некое време бевте Турчинка, станавте торбешка, сега станавте Македонка“ не може да се избрише со неговото извинување. Не верувам дека ја увидел својата грешка и дека е свесен дека тоа беше, навистина, недостоинствено однесување. Знам дека сум се родила Македонка и тоа е непроменливо, беа разлика на ваквите манипулативни испревртувања на вистината за мене. Воопшто не е наивно тоа што го кажа, затоа што покрај тоа што е навредливо е тенденциозно, е обид и да се фрли дамка на мојата личност. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија имаше соодветна реакција и сметам дека дел од политичката одговорност е нашето натамошно игнорирање на пратеникот.
За жал, не е само Ибрахим дел од луѓето што не можат да разберат дека граѓани со муслиманска религија или со имиња што асоцираат на ислам можат да бидат Македонци. Такви има многу и меѓу активните политичари, но и меѓу обичните граѓани. Како може една млада пратеничка како Вас да се бори против овие предрасуди?
ИСМАЈЛОСКА – СТАРОВА: Воспитана сум во дух на борбеност, пожртвуваност и на верба за своите идеали и во нив. Токму мојата непроменливост во однос на македонското национално чувство, но и на партиската определба, ми помага во градењето на својот имиџ меѓу граѓаните. Не очекувам и знам дека тоа нема секогаш да биде примено со одобрување, но цврстите ставови се карактеристика што ја ценат и моите политички противници.
Како пратеничка се борам против предрасудите со тоа што често сум меѓу народот, зборувам за овие чувствителни теми, а говорницата на Собранието не ја злоупотребувам. Напротив, се обидувам да имам издржани ставови, поткрепени со факти, да задржам студена глава на провокациите. Секако, од непроценливо значење е и партиската поддршка што ја имам.
Ибрахим Ве нападна Вас, но индиректно и десетици илјади македонски граѓани што поради различни историски и политички причини се идентификуваат на различни начини (без да навлегуваме во конкретно именување), а се нераскинлив дел од македонското општество, без разлика на која етничка група припаѓаат. Вие постојано сте присутни на терен ,како реагираат овие луѓе на национализмот на Ибрахим?
ИСМАЈЛОСКА – СТАРОВА: Без разлика кој како се чувствува и декларира, нема оправдание за националистичко однесување. Живееме во 21 век и сметам дека само сплотени и заедно можеме да придонесеме за развој на нашата заедничка татковина Република Македонија. Луѓето беа непријатно изненадени, неговиот говор го осудија и луѓе со кои немам иста политичка идеологија, а негово е да размисли што направи.
Партијата ПЕИ на Фијат Цановски пред неколку години почна иницијатива за формирање посебна етничка група, која би се нарекувала Торбеши, термин што многумина го доживуваат како навредлив. Какви последици донесе овој предлог за оваа група луѓе?
ИСМАЈЛОСКА – СТАРОВА: Можеби некои луѓе ги прави горди да создаваат нов етникум. Не сум една од таквите. Последиците се тоа што се направи поделба на луѓе што се исти и по националност и по религија, но не навлегувам во туѓата определба.
Еден од проблемите на овие луѓе е што долго време, со децении по Втората светска војна, беа ставени на маргините на општествените случувања. Колку сега работите се променети и колку во иднина можат да се променат?
ИСМАЈЛОСКА – СТАРОВА: Сметам дека има позитивен тренд за вклучување на луѓето во секој аспект од нашето општество. Не навлегувам во причините поради кои имаше маргинализација, но живеам во време во кое ова се менува. Не викам дека оди како подмачкано и дека е лесно, но работата оди на подобро. Во иднина, сметам дека, едноставно, ова нема да биде прашање, туку можностите ќе бидат тука да ги зграбат тие што ги заслужуваат.
Еден од главните проблеми на оваа група граѓани е огромниот процент што заминува на печалба поради што опустошија голем број населени места во Центар Жупа, Струшко, Кичевско и други. Освен нивна поголема вклученост во политичките текови (ВМРО-ДПМНЕ има тројца пратеници и еден градоначалник) што треба да се направи друго за да се надмине овој проблем, кој е голем за сите македонски граѓани?
ИСМАЈЛОСКА – СТАРОВА: Создавањето нови работни места е најмоќната алатка што ја има ВМРО-ДПМНЕ. ТИРЗ има во Кичево, Струга, се најавува и во Маврово и во Ростуше. Се градат автопатишта. Инфраструктурните инвестиции, вложувањето и во овие краишта ќе ги врати луѓето. Полека, но сигурно. Ова не е проблем од денес, ова е долгогодишен процес. А ние имаме историска шанса да ги промениме работите. Пред да станам пратеничка, патував многу работејќи на меѓународни обуки во Шпанија, Азербејџан, Португалија, Италија, Грузија итн. Една година живеев во Литванија, каде што работев со деца со посебни потреби.
Ова беше искуство што ме направи поемотивна, но и поотворена. Имав можност да создавам идеи за подобрување на нивниот живот. И сега се ежам додека ви одговарам. Тоа ми создаде можности за ангажмани и во други земји, кои ги одбив. Посреќна сум дома. Се чувствувам подготвена да се борам за својата земја. Мојата приказна не е единствена, има и други такви случаи.
И покрај непримерните напади од колегата Ибрахим поради кои во законодавниот дом би се збунил или возбудил и пратеник со многу поголемо искуство во политиката, Вие, иако млада, успеавте со својот одговор да ги здобиете симпатиите на македонската јавност, особено со смиреноста, аргументираноста во дебатата. Што можеме во иднина да очекуваме од Нола Исмајлоска – Старова?
ИСМАЈЛОСКА – СТАРОВА: Очекувајте да останам доследна, посветена и борбена. Сакам моите деца да бидат горди кога ќе кажат дека Нола им е мајка.
Разговараше: Горан Момироски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Нела Исмајлоска – Старова е објавено во 163. број на неделникот Република, 16.10.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст