| четврток, 6 декември 2018 |

Дачиќ: Не сум изненаден од гласањето на Црна Гора и на Македонија во УНЕСКО

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека е разочаран од ставот на Црна Гора и Македонија, кои при гласањето во Извршниот совет на УНЕСКО се изјаснија за препораката за прием на Косово во Организацијата, но нагласи дека не е изненаден од тоа.

– Тоа е нешто што сигурно ќе мораме да го поставиме како прашање во односите со нив, изјави денеска Дачиќ при гостувањето во утринската програма на телевизијата Пинк.

Како што јави Танјуг, Дачиќ изјави дека „како некој се однесува кон интересите на Србија, така и Србија ќе се однесува кон неговите интереси“.

– Не верувам дека ние ќе гласаме за нивните работи на меѓународен план, додаде Дачиќ.

Вчера Извршниот совет на Орагнизаицијата на ОН за образование, наука и култура (УНЕСКО) со мнозинство гласови го поддржа предлогот за прием на Косово во оваа агенција на Светската организација. „За“ предлогот се изјаснија 27 членки на Советот, а по 14 беа „против“ или „воздржани“.

За приемот на Косово во УНЕСКО ќе решава Генералното собрание на ОН за време на сесијата од 3 до 18 ноември. При гласањето, за прием треба да се изјаснат најмалку дветретини од 195-те земјите-членки на ОН или 130 држави. Независноста на Косово досега ја признаа 111 од членките на ОН.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top