| четврток, 6 декември 2018 |

Фармацевтите од Алкалоид газат сигурно на сите полиња

alkaloid

Шахистите на Алкалоид газат сигурно на сите полиња во древната игра на Европскиот клупски куп и имаат одличен тимски и индивидуален учинок.

На Купот, кој е пандан на Лигата на шампионите во колективните спортови се игра на шест табли, а играчите на Алкалоид се на врвот или блиску до него на сите шест позиции.

Кинеската надеж Ју Јангји, кој е 30-рангиран на ФИДЕ листата има најдобар учинок на последната табла со 3,5 поени од 4 партии и тој засега е шахистот со најмногу поени кај Алкалоид. Од врвот засега гледа и Дмитри Андрејкин на четвртата табла со идентичен учинок како и Ју. И тој има ефект од 87,5 проценти на освоени поени како и неговиот соиграч од Кина.

На петтата табла мошне сигурно игра Јури Криворучко. Украинскиот велемајстор е на делба на второто место со 3 поени од 4 одиграни партии.

Алкалоид има силен адут и на третата табла каде најчесто игра Дмитри Јаковенко. Тој освои 2 поени од три партии и на делба на четвртата позиција според ефектот. Нешто послаб учинок Алкалоид има на втората табла каде игра поранешнито европски првак Евгениј Томашевски, но тоа со одлични настапи умешно го надополнуваат останатите шахисти во македонскиот состав.

Лидер на тимот кој има шанса за медал е легендарниот украински велемајстор Васили Иванчук. Еден од најконстантните шахисти во последните 20-на години има трет учинок на челната табла со 2,5 поени од 4 партии. Секако тој има и најтешки противници од кремот на светскиот шах, но засега успешно го предводи амбициозниот состав на Алкалоид. Фармацевтите имаат максимален учинок од 4 победи и се наоѓаат на второто место зад топ-фаворитот СОКАР од Азербејџан.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top