| четврток, 6 декември 2018 |

Гостува авторот на „18 проценти сиво“ Захари Карабашлиев

На 22 октомври, четврток во галеријата на Младинскиот културен центар – Скопје, со почеток во 20 часот ќе се одржи промоција на романот „18 проценти сиво“ од бугарскиот автор Захари Карабашлиев, во издание на „Антолог“, а во превод на Душко Крстевски.
Романот е бестселер во Бугарија со вкупно 22 изданија и е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2008 година. Во анонимна анкета на „Би-Би-Си“ во Бугарија е избран меѓу стоте најомилени книги на бугарските читатели.
unnamed
Карабашлиев е познат бугарски прозаист и драмски автор, а пишува и филмски сценарија. Неговите драми се играни во Европа и во Америка, а неговите дела се преведени на речиси сите европски јазици.
Освен писател, авторот е и режисер и фотограф, па тие негови афинитети се забележуваат и во неговите дела, особено во романот „18 проценти сиво“.
Овој роман, напишан од перспективата на еден Бугарин што го живее едноличниот американски сон, се одликува со динамичен и хумористичен јазик, фотографирајќи ја темната страна на Америка. Неговото патување води низ серија настани опасни за животот, прошарани со сеќавањата на неговиот однос со Стела и со животот во Бугарија од крајот на 1980-тите.
Според критиката, романот „почнува како позната современа јужнокалифорниска палп фикшн, можеби како една од приказните во филмот ‘Седум психопати’, а јазикот на Карабашлиев е „динамичен, остроумен и изобилува со детски хумор“. Наскоро претстои и филмската верзија на „18 проценти сиво“.
Романот ќе го промовираат литературните критичарки и универзитетски професорки Ангелина Бановиќ-Марковска и Елизабета Шелева, како и новинарката Јасна Франговска. Делови од романот, паралелно од оригиналот и од македонското издание, ќе читаат самиот автор и актерката Арна Шијак.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top