Бројните кампањи,предавања, написи во весниците, емисии, разговори и потсетници го одработија своето, македонската жена почна да станува свесна за болестите на дојката. Раната дијагностика е клучниот момент во лекувањето и основен предуслов кај излекувањето на ракот на дојка. Денес говориме за 90 отсто излекување на оваа болест. Основни услови се професионален медицински тим и самосвесна кооперативна жена која има редовни превентивни прегледи, вели во интервју за „Република“ д-р Маја Стојчевска Чапова, радиолог во „Аџибадем Систина“.
Дали мамографијата е доволна да се спречи појавата на рак на дојка?
ЧАПОВА: Мамографијата е основен радиолошки метод при дијагностиката на болестите на дојката и прв метод исклучиво посветен на овој орган. Како метод е воведен во 60-тите години на минатиот век, кога се конструирани и машините-мамографи. Апаратот се разликува од останатите рендген апарати, произведува т.н. меки зраци (дозата на зрачење е неколкукратно помала отколку кај стандардните рендген машини). Во текот на снимањето се користи притисок (дојката се притиска помеѓу 2 плочи) со цел да се намалат движечките артефакти, да се добие појасна слика, но и да се намали радијациска доза. Денес дозата на зрачење која се добива при една рутинска мамографија е еднаква на дозата што ја добиваме при еден интерконтинентален лет. Постојат стотици студии кои ја анализирале корисноста на мамографијата. Во земјите каде што редовно се практикува мамографското скенирање, во последниве децении е забележан пад на морталитетот за околу 25 отсто. Просечната димензија на карциномот во моментот кога жената првпат ќе го забележи (во зависност од големината на дојките) е околу 15 мм. Со мамографијата може да се забележи веќе од 2-3 мм. Но, не е сѐ така едноставно. И таа има свои ограничувања. Сензитивноста на методот е во директна зависност од структурата на ткивата. Кај млади дојки сензитивноста на мамографијата може да опадне до 45 отсто, што значи дека многу лесно половина од карциномите може да се скријат и да не бидат навреме препознаени. На мамографската слика нормалното жлездено ткиво, потпорното ткиво, цистите и сите бенигни состојби, но и карциномите на дојката, се прикажуваат како бели дамки. Кога количината на белите дамки е многу голема (најчесто кај помладите), тие една со друга се покриваат и тешко се распознаваат. Во овие ситуации е важно прегледот да го надополниме со ултразвук, кој обратно од мамографијата е многу поосетлив кај младите дојки. Постојат типови карциноми кои по својата дефиниција, по начинот на кој растат, се невидливи на мамографија и на ултразвук. Такви се 0,5-3 отсто во зависност од студиите. Овие карциноми најчесто ги среќаваме кај пациентите кои имаат изразена семејна историја или се носители на гените БРЦА 1 и БРЦА 2, како и кај пациенти со зголемен личен ризик. Постојат повеќе предуслови за квалитетна мамографија, како што се квалитетна машина (која е редовно контролирана), кадар кој е обучен да ракува со неа и, секако, искусни лекари супспецијализирани во областа на дијагностика на дојките. Оттука, мамографијата е основен објективен метод кој се употребува во дијагностика на дојката, но никако не е единствен. Со развојот на технологиите во последните децении и дијагностиката на дојка значајно напредна.
Мамографијата сѐ уште се употребува бидејќи е достапна, ефикасна, брза, евтина и,секако, затоа што успеа значајно да го намали морталитетот од карцином на дојка.
Постојат неколку дијагностички процедури на дојка: ултразвук на дојка, мамографија и магнетна резонанција на дојки, биопсија и предоперативно бележење. Што опфаќа магнетната резонанција на дојки?
ЧАПОВА: Ултразвукот е втор најчест метод кој се употребува во дијагностиката на дојките. Има значајно поголема сензитивност кај млади густи гради во однос на мамографијата, не употребува „икс“ зраци (се користи и кај бремени жени), не постојат скриени зони во текот на прегледот, многу лесно ја прави разликата помеѓу циста и солиден тумор, евтин е достапен, но е исклучително субјективен. Исходот од ултразвучниот преглед исклучително зависи од искуството на лекарот. Биопсиите се неопходни дополнителни методи кои се употребуваат онаму каде е поставено сомнение за карцином. Предоперативното бележење е техника која се употребува од две причини, едната е навигација на хирургот при хируршки ексцизиски биопсии. Втората причина е одбележување на мали тумори и карциноми со цел минимално инвазивен третман.
Малкумина знаат дека првиот предмет на интерес за магнетната резонанција биле токму дојките. Сензитивноста на МР се движи 99–100 отсто. Структурата на дојките нема никакво влијание кон сензитивноста. Методот не употребува јонизирачко зрачење. Идеално ја прикажува дојката и околните структури, како делот под пазувите, мускулатурата и крвните садови, што е од голема помош во проценката на болеста. Единствениот недостаток на магнетната резонанција денес е цената и достапноста. Не може секој и секаде да си ја дозволи. Секако, и бројот на лекари кои се стручни во оваа област е многу мал. Се предвидува дека магнетната резонанција во иднина можеби и ќе ги замени останатите дијагностички методи.
Во кои случаи, односно во кој стадиум е потребна магнетна резонанција на дојка?
ЧАПОВА: Магнетната резонанција има точно определени индикации за употреба и тоа при скенирање на високоризични пациенти, додијагностика на проблематични случаи, следење на пациенти по штедлива хируршка интервенција (одлично разликува лузна од рецидив), следење на пациенти со неоадјувантна терапија (онаму каде хирургијата не е прв избор во лекувањето, се следи одговорот на хемотерапијата), потоа кај предоперативно градирање по стадиуми на докажани карциноми, при дијагностика на импланти, и кај биопсии и бележења под контрола на магнетна резонанција. Предоперативното градирање по стадиуми денес е еден од најконтроверзните причини, но и индикација која покажа голема потреба од вклучувањето на магнетната резонанција во планирањето на третманот на ракот на дојка. Искуствата покажаа дека реалната големина на туморот најмалку се разликува на МР во однос на останатите методи. Се докажа присуство на дополнителна болест до 50 проценти невидлива на другите методи во непосредна близина на туморот (ист квадрант) или значајно подалеку (во друг квадрант од дојката) што дефинитивно го менува и хируршкиот пристап, штедлива наспроти радикална интервенција.
Во зависност од типот на туморот, до 25 отсто постои скриена болест и во другата дојка, исто така, невидлива на класичните радиолошки методи. Сите овие дополнителни информации овозможуваат правилно планирање на хируршкиот третман и поголем успех во конечното лекување. Бројот на изменети одлуки во планирањето на хируршкиот третман кај пациенти со дијагностициран рак на дојки по направената предоперативна МР е вкупно 14 отсто. И токму толкав е бројот на рецидивантна болест во првите две години. Оттука произлегува заклучокот дека болеста најверојатно не се вратила толку брзо, дека онколошкиот третман и не бил толку неефикасен, туку дека ние во целост не сме успеале да ја визуализираме болеста без МР, па дел од неа сме оставиле. Поради овие факти, неопходно е вклучување на предоперативната магнетна резонанција во планирањето на третманот на ракот на дојка.
На која возраст треба да почнат самопрегледите на дојките и ултразвукот?
ЧАПОВА: За самопрегледот се вели дека треба да започне тогаш кога ќе се формираат дојките. Во овие моменти првично се запознаваме со своите дојки и со нивната структура. Прегледот треба редовно да се прави еднаш месечно по завршување на циклусот. За секоја нова грутка потребна е консултација со лекар. Превентивниот ултразвук се советува да почне околу 30 година и се повторува во интервали од една година. Мамографијата се советува помеѓу 36-38 година од животот. Пациентите кои имаат семејна историја, зголемен личен ризик или се носители на гените БРЦА 1 и БРЦА 2, практикуваат поинаква шема на превентивни прегледи соодветна на ризикот.
Дали ракот на дојката е најчесто заболување на дојката или постојат и други болести за кои помалку знаеме?
ЧАПОВА: Ракот на дојка е најчесто малигно заболување кај женската популација, но не е најчесто заболување на женските дојки. Само 20 отсто од напипаните грутки се карциноми. Останатите се должат на други болести и состојби. Најчеста причина за посета на лекар е појавата на грутка која се должи на фиброцистичната состојба. Цистите се типични за возрасната група 30-50 години. Во 99 отсто од случаите, цистите се лекуваат конзервативно, со нивно испразнување, ретко со антибиотска терапија и во значаен број со измена на хигиенодиететскиот режим. На второ место доаѓаат воспалителните процеси (абсцес, маститис) кои најчесто се јавуваат во периодот на доење. И тие како и претходните, ретко се предмет на хирургија. Бенигните тумори се болести за кои не е секогаш потребен хируршки третман. Постои и група претканцерозни состојби, кои лесно се забележуваат на превентивните прегледи, и кои поради ризикот, се предмет на штедливи хируршки интервенции.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.