Најмалку тројца Руси кои се бореле на страната на сириската војска загинале, а неколку се ранети во гранатирањето на нивните позиции во понеделникот навечер во крајбрежната област Латакија, соопштил провладин воен извор.
Информацијата сѐ уште официјално не е потврдена, но ако се случи тоа, ова ќе бидат првите руски жртви во Сирија откако Москва на 30 септември почна воени воздушни напади за поддршка на претседателот Башар ал Асад.
Директорот на Сириската опсерваторија за човекови права, Рами Абдулрахман, рекол за „Ројтерс“ дека неговите извори во тоа подрачје го потврдуваат загинувањето на Русите, но немаат информација за точна бројка. Според него, најверојатно не станува збор за руска регуларна војска, туку за доброволци.
Провладин извор, добро информиран за воените случувања во Сирија, рекол дека барем 20 Руси биле на позициите во близина на Наби Јунис кога паднала гранатата.
– Постои веројатност од 90 проценти дека гранатата е истрелана од милитанти – изјавил за „Ројтерс“, посочувајќи ја одговорноста на бунтовничките групи против кои на тие подрачја се бори сириската војска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.