Никој во овој момент не може да оцени како, од економски аспект, ќе се одрази бегалската криза што го зафати регионот, смета еминентниот професор Мојмир Мрак од Економскиот факултет во Љубљана.
Според него, ризиците се зголемуваат, а тоа влијае врз проценките за економскиот раст.
– Ризиците во изминатата половина година пораснаа и околината стана многу поранлива. На ниво на регионот се планираат повисоки стапки на раст, тоа не е случај само во Македонија. Но, ризиците се зголемуваат, а тоа влијае на проценките за растот – изјави Мрак по предавањето во Стопанската комора на Македонија.
Бегалската криза, додаде, секако ќе има влијание врз јавните финансии, а можно е да се одрази и во други сфери. Дополнителен извор на ризик во моментов се ситуациите во Грција и во зоната на еврото кои, рече, се нестабилни и не се знае што ќе се случува во иднина.
Јавниот долг, нагласи професорот, не е толку голем проблем за Македонија како што е за некои други земји во регионот.
Ако има нов бран на криза или дојде до нормализирање на монетарната политика што ја водат централните банки, тогаш пристапот до финансии за малите земји ќе биде отежнат, односно финансиските инструменти ќе бидат поскапи. Не е исто голема и мала земја да се соочуваат со јавен долг од 60 отсто зашто малите земји се поподложни на надворешните влијанија – истакна Мрак, посочувајќи го примерот со Словенија.
Причините за висината на јавниот долг може да се различни – покривање на буџетскиот дефицит, решавање на ситуацијата во банкарскиот сектор, инвестирање во инфраструктурата,…
– Ако тие пари се искористат во продуктивни цели, тогаш на земјата ќе и биде полесно да го исплати јавниот долг зашто ќе има резултати. Но, ако целите не се продуктивни, ситуацијата ќе биде поинаква. Во секој случај, многу е битно, јавниот долг во малите земји да биде помал отколку оној во големите – подвлече Мрак, одговорајќи на новинарски прашања.
Деканот на Економскиот факултет во Љубљана Метка Текавиќ го поддржува членството во Европската унија, иако тоа, од економска страна, како што напомена, покажаа низа придобивки, но и одредени слабости.
– Словенечката економија по пристапот на земјата во ЕУ имаше придобивки, но и загуби. Сепак, мојот заклучок е дека придобивките беа поголеми од загубите или од проблемите што се јавија по пристапувањето во ЕУ. Затоа, целосно го поддржувам членството на Македонија во ЕУ- потенцира Текавиќ.
Во Стопанската комора на Македонија беа презентирани можностите за студирање на Економскиот факултет во Љубљана.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.