Кочанчец со нож и со дрвена палка се обидел да спречи тројца да одат на гласање, во Струмица била искршена една кутија, албански државјанин се обидел да гласа со македонски пасош во Радолишта, а во истото село набљудувач од ВМРО-ДПМНЕ пријавил дека избирачкиот одбро го исфрлил.
Ова се инцидентите за кои јави МВР со соопштение. Полицијата ги смета за минорни.
Во нивното соопштение се вели:
„Би сакале да ве информираме дека во согласност со информациите од теренот и сите сознанија со кои располага Оперативниот штаб на Министерството за внатрешни работи, изборниот ден минува мирно, во фер и демократска атмосфера.
Досега, заклучно со 14 часот, не е регистриран ниту еден посериозен инцидент ниту, пак, до нас се пристигнати пријави за какво било поголемо нарушување на избирачкиот процес.
Во моментов гласањето се одвива без проблеми на сите, над 1600 гласачки места. Само на неколку избирачки места, поради помали проблеми, дојде до прекин на гласањето, кое подоцна продолжи.
Најкарактеристичен е случајот во Струмица, каде што во Основното училиште „Маршал Тито“ гласањето е прекинато во 9.18 часот. Според пријавата на гласачкото место 1734, 29-годишно лице од Струмица го скршило капакот од гласачката кутија. Лицето веднаш е приведено во ПС Струмица за понатамошна постапка, а по целосно документирање на случајот, за него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Во текот на денешниот ден кривична пријава поврзана со изборите беше поднесена и за 49-годишно лице од Кочани поради основано сомнение дека сторило кривично дело повреда на слободата на определување на избирачите по член 160 од Кривичниот законик. Имено, вчера три лица од Кочани пријавија дека биле пресретнувани од осомничениот кој им упатувал сериозни закани дека ќе посегне по нивните животи доколку истите излезат и гласаат на локалните избори. Од страна на полициски службеници, тој е затекнат додека управува „форд мондео“, а при извршен преглед во возилото се пронајдени нож и дрвена палка. Истиот веднаш беше приведен, а денеска со кривична пријава е предаден на надлежниот јавен обвинител.
Карактеристичен случај е регистриран и во струшкото село Радолишта каде што на гласачко место 1876 беше приведен албански државјанин поради сомнение дека гласал со македонски документ. По преземени мерки, утврдено е дека се работи за 24-годишно лице за кое ПС Струга ќе поднесе кривична пријава за сторено кривично дело злоупотреба на избирачко право по член 161 од Кривичниот законик.
Во Радолишта на соседното избирачко место 1877, во 11.44 часот, овластен набљудувач од ВМРО-ДПМНЕ пријавил на полициските службеници дека бил отстранет од страна на избирачкиот одбор.
Засега тоа се покарактеристичните информации од теренот. Штабот на Министерството за внатрешни работи, во кој партиципираат и претставници на меѓународните мисии во земјава, продолжува да работи и се разгледуваат сите информации што ќе пристигнат до полицијата“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
МВР потврди: Лице од битолско виновен за оштетените камења на македонско-грчката граница
-
Влада на РМ: Груевски ќе ја отслужи казната во Република Македонија
-
„Катимерини“: Три сценарија за парламентарните избори во Грција
-
МВР: Добивме потврда од унгарското министерство дека Никола Груевски е во Унгарија и дека побарал азил