Архиепископот Стефан ставил потпис на, веројатно, најскандалозната одлука донесена од Синодот на МПЦ во нејзината историја, со која бара препогребување, превенчавање и прекрстување на сите Македонци од Австралија, кои не се дел од црквите што се под јурисдикција на владиката Петар.
Скандалозното писмо било испратено пред два дена, како синодски став како да се надмине проблемот во Австралија.
За да биде скандалот поголем, Синодот на МПЦ им дава рок од една година, заклучно со 30 септември 2016 година на сите чиишто роднини починале да извршат нивно препогребување, на тие што се венчале да ги повторат црковните церемонии, а тие што еднаш се крстени, да бидат прекрстени од свештеници што ќе ги избере синодот.
Уште поголема иронија за оваа одлука е што Синодот на МПЦ им дава можност овие црковни ритуали бесплатно да ги извршат во предвидениот рок, а во спротивно ќе им ги тарифира по ценовниците на црквата.
Можеби најскандалозно во оваа синодска одлука, потпишана лично од архиепископот, е крајно понижувачкиот третман кон Македонците во Австралија. Тие во писмото се именуваат како таканаречени верници.
Ако т.н. верници што се крстени, венчани или погребани од погореспоменатите расчинети свештеници и ѓакони, треба повторно да им бидат извршени од легитимни свештеници, кои се поставени од надлежни архиереј. Ако во рок од 12 месеци им се извршат светите тајни и обреди, истите ќе бидат извршени бесплатно. А по истекот на рокот ќе се извршуваат со уредно плаќање, стои во скандалозната одлука на Синодот на МПЦ, потпишана од поглаварот.
Писмото има голема доза на уцена и закна бидејќи МПЦ оди дотаму што најавува исклучување од црквата на тие што нема да послушаат и забрана за причест.
Иако, многумина очекуваа конечно решение на проблемите во Австралија откако пред две години Синодот и црковните општини постигнаа согласност, сепак оваа одлука на Синодот е сè поизвесно дека ќе предизвика траен раскол меѓу македонската дијаспора во Австралија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.