| четврток, 6 декември 2018 |

Србија: Ќе се одземаат возилата на возачите со повеќе од 1,7 промили алкохол во крвта

Српските власти планираат да воведат строги казни за непоправливите возачи што управуваат автомобили во алкохолизирана состојба

Според измените што се во подготовка, полицајците ќе имаат право трајно да им ги конфискуваат возилата на пијаните возачи што ќе бидат фатени со повеќе од 1,7 промили алкохол во крвта, ако претходно веќе биле казнувани за возење во алкохолизирана состојба.

Важните измени во Законот за сообраќај ќе се состојат во тоа што казните ќе бидат построги за насилничко возење. Освен паричната, возачите за таквото однесување ќе остануваат и без автомобилите со кои управуваат, без разлика дали се нивна сопственост или не, а во одредени ситуации и со затвор.

–   Промените се со цел да се намали бројот на жртви во сообраќајните несреќи – вели Милан Вујовиќ, раководител на групата за измени на Законот за сообраќај во Србија.

Во измените на Законот за сообраќај се предвидува и трајно одземање на возачката дозвола за тие со повеќе од два промила алкохол во крвта.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top