| четврток, 6 декември 2018 |

Пешевски: Вкупно 13.500 лица ќе бидат опфатени со Оперативниот план за вработување за 2016

Со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2016 година, ќе бидат опфатени 13.500 лица од кои 8.700 ќе бидат директно вработени. За реализација на Оперативнито план ќе бидат инвестирани 710 милиони денари. Ова денеска го истакна вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски на прес-конференција во Министерството за труд и социјална политика.

Како што појасни Пешевски, станува збор за осмиот по ред Оперативен план за активни програми и мерки за вработување за 2016, што го усвои Владата на последната седница. Планот се состои од 28 мерки и обуки кои се достапни на сите невработени лица активни баратели на работа евидентирани во АВРМ, а во чие креирање беа вклучени тимови од повеќе институции, експерти и меѓународни партнери и организации како УНДП и УСАИД.

– Главниот фокус на Владата во програмата за работа е токму намалувањето на невработеноста. Од 2007 година со спроведување на низа комплементарни економски и социјални владини политики и мерки успеавме невработеноста од рекордните 38 проценти да ја сведеме на 26,8 проценти односно да ја намалиме за повеќе од 11 проценти. Во изминатите години преку остварување на мерките и услугите остварени се вработувања на преку 40 илјади лица од коишто на работните места се уште се преку 36 илјади лица, рече вицепремиерот Пешевски.

Посочи дека за користење на мерките и услугите од Оперативниот план досега има преку 87 илјади апликации, а средствата издвоени за спроведување на досегашните планови се над 2 милијарди и 390 милиони денари или преку 39 милиони евра.

Основен фокус и на овој план, нагласи, е ставен на младите лица до 29 години чие учество ќе биде до 30 проценти во сите мерки, а се продолжува и тенденцијата во сите мерки да има рамноправна застапеност и на женскиот пол.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на прес-конференцијата истакна дека со програмата ќе се продолжи со реализација на некои постојни мерки и програми, но се предвидени и нови програми за постигнување на поставените цели.

– Најзначајни мерки кои ќе продолжиме да ги реализираме се програмата за самовработување со грант средства од 200 илјади денари, програмата за самовработување на лица со попреченост и поддршка на растот на микро и мали претпријатија за создавање нови работни места со грант од 1.500 евра, програма за субвенционирано вработување на лица во социјален ризик, субвенционирано вработување за невработени лица преку ослободување од придонеси, субвенционирано вработување на лица со инвалидност, обука кај познат работодавач, обука на работното место со субвенционирано вработување, обука за задоволување на побарувани занимања на пазарот на трудот и други, рече Спасов.

Посочи дека вкупно над 6 илјади лица ќе се опфатат во различните обуки кои ги нудат и ги реализираат со АВРМ, при што значаен дел од обуките ќе се реализираат во реални работни услови на современа опрема и механизација во приватните компании каде досега успеале да регистрираме над 60 приватни провајдери.

Меѓу новите програми кои се воведуваат во Оперативниот план за 2016 година се и овозможување грант во износ од 10 илјади евра за отворена приватна детска градинка и грант од 12.500 евра за отворен приватен дом за стари лица за вкупно 20 нови правни субјекти или вкупно 100 нови вработувања, а кои ќе влијаат на создавање дополнителен капацитет за над 400 деца во градинките и над 400 стари лица во старските домови.

Претставникот на УНДП, Луиза Винтон истакна дека особено е важно што во Оперативниот план за 2016 година се опфатени и ранливите групи како што се лицата со попреченост, кои, како што рече, многу тешко доаѓаат до вработување.

Потенцира дека УНДП го поддржува Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување уште од неговото воведување од 2007 година до денес поради неговата успешност, и додаде дека тој претставува пример и за владите на други земји како треба да се справат со невработеноста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top