| четврток, 6 декември 2018 |

Нобеловката Херта Милер: Молчењето не е корисно

Целта на книжевната награда „Табернакул“ е да ги промовира најзначајните, светски признати книжевни вредности на македонски јазик, како и да покаже дека Македонија е земја со долга книжевна и културна традиција, земја што покажува особена почит за сите актуелни книжевни и културни глобални достигнувања

Нобеловката Херта Милер и сер Том Стопард, британскиот драмски писател, се годинашните добитници на меѓународната книжевна награда „Табернакул“, која вечерва свечено ќе им биде врачена во Скопје, во Македонскиот народен театар (МНТ) во 20 часот.

Изборот на годинашните лауреати е со одлука  на жирито, во состав Ферид Мухиќ, Горан Стефановски, Венко Андоновски, Цветан Враживирски и претходните добитници на оваа награда: Милан Кундера, Љубивоје Ршумовиќ, Орхан Памук и Виктор Ерофеев.

Целта на книжевната награда „Табернакул“ е да ги промовира најзначајните, светски признати книжевни вредности на македонски јазик, како и да покаже дека Македонија е земја со долга книжевна и културна традиција, земја што покажува особена почит за сите актуелни книжевни и културни глобални достигнувања.

Милер е четвртиот добитник на Нобелова награда која доаѓа во Македонија, по Орхан Памук, Ирецот Шејмас Хини и Швеѓанецот Томас Транстромер.

– Откако ќе ја добијат Нобеловата награда, тие потоа ја добиваат најзначајната награда во литературата, меѓународната награда „Табернакул“ – се пошегува Ферид Мухиќ, претседател на издавачкиот совет на „Табернакул“, кој беше модератор на средбата со Милер и Стопард.

press-zaednicka-tabernakul-nagradi

Херта Милер и сер Том Стопард се годинешните добитници на меѓународната книжевна награда „Табернакул“ која вечерва свечено ќе им биде врачена во Скопје

Милер (1953) е германска писателка, добитничка на Нобеловата награда за книжевност во 2009 година. Родена во Романија, работела како преведувач, а со пишување почнала во младоста. Пишува романи, раскази, поезија и есеи. Нејзините дела се преведени на повеќе од дваесет јазици. Побегнала од Романија во Германија де години пред  падот на режимот на Николае Чаушеску.

– Родена сум и живеев во времето на диктатурата на Чаушеску, кој беше монструозен во својата глупост, во својата моќ. Само што живееев во тоа општество бев исполитизирана, а се што сакав е да пишувам. Имаше една група која пишуваше како што сакаше системот, и друга, која не сметаа за дисиденти. Јас не сакав да бидат дисидент, само сакав да пишувам. Диктатурата остава траги. Кога дојдов во Германија уште ме прогонуваа и следеа од тајната служба на Романија и добивав секојдневно закани по мојот живот – раскажува Милер за својот живот во Романија.

Говореше и за холокаустот, за сталинизмот, за сите видови диктатури што владеат во светот.

– Татко ми бил член на СС-службите и јас морам да живеам со тоа. Се чувстувам виновна за нешто што не сум направила. Јас не сум месија, ама со литератрата можам да им помогнам на луѓето во нивниот живот. Треба да се зборува за тоа. Молчењето не е корисно. Треба да се расчистат работите – вели Милер.

tom-stopard-1

Литературата има способност да го менува општеството. Инаку, не би имало примери каде што владите би се плашеле од јавна критика – вели Стопард

Стопард (1937) е еден од навлијателните и најпочитувани драмски автори во Британија и светот. Од 1997 е носител на титула витез што ја доделува британската кралица. Роден во Чехословачка, за време на нацистичката окупација пребегнал и по Втората светска војна се преселил во Велика Британија, откако поминал три години во интернат во Индија. Работел како новинар и како театарски критичар. Автор е на повеќе култни драми, меѓу кои е „Розенкранц и Гилденстерн се мртви“ (поставена во Драмскиот театар во Скопје), како и на сценариото за филмот „Вљубениот Шекспир“.

– Литературата има способност да го менува општеството. Инаку, не би имало примери каде што владите би се плашеле од јавна критика – вели  Стопард.

Стопард посочи дека многу е убаво кога ќе се добие награда бидејќи, како што рече, тоа ве потсетува на колегите писатели, издавачи, режисери дека имате повеќе работи што ве спојуваат и ви се заеднички.

– Двајцата гости на „Табернакул“ имаат сосема разлчни животи и јас, за разлика до Херта, имав навистина прекрасен, дури и магичен живот. Го разбирам и духовно се идентификувам со Вацлав Хавел кој вели дека секој има спосовност да ја живее личната вистина – вели Стопард.

По повод доделувањето на наградата, издавачката куќа „Табернакул“ ќе ги промовира нови четири изданија: романот „Патничка на една нога“ и книгата есеи „Секогаш истиот снег и секогаш истиот чичко“ од Херта Милер, а од Том Стопард – трилогијата „Брегот на Утопија“ и трите драми (во една книга) „Аркадија“, „Рокенрол“ и „Тежок проблем“.

Ljubomir-Rsumovic-1

Љубивоје Ршумовиќ, првиот добитник на наградата е исто така во Скопје

За ликот и делото на нобеловката Херта Милер ќе говори Виктор Ерофеев, руски писател и претходен добитник на оваа награда, а за творештвото на Том Стопард обраќање ќе има Горан Стефановски.

goran-stefanovski-1

За творештвото на Том Стопард обраќање ќе има Горан Стефановски

Книжевната награда „Табернакул“ претставува бронзена скулптура изработена од академскиот вајар Горан Стаменков. Лауреатите, исто така, добиваат и златник од Книжевната академија Табернакул, како и паричен износ од 5.000 евра.

фото: Ѓорѓи Личовски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top