| четврток, 6 декември 2018 |

Филмот „Тело“ добитник на „Себрена мечка“ во Берлин ќе се прикажува во нашите кина

Полскиот филм се врати на сцената од светската кинематографија со најновото остварување на познатата режисерка Малгожати Шумовска – филмот „Тело“. На годинешниов Берлински филмски фестивал Шумовска освои Сребрена мечка за режија. Драмата „Тело“ која е полна со црн хумор и во која се преплетуваат три радикално поинакви пристапи кон телото и кон душата ќе се најде во нашите кина  низ Македонија од понеделник (19.10.).
Во центарот на приказната се наоѓа иследникот Јануш – човек кој не може лесно да биде шокиран. Се занимава со прецизни истражувања и ги анализира сцените на злосторствата до најситни детали. И покрај тешките ситуации со кои се соочува, тој работи вредно. Сепак, се чувствува беспомошно кога мора да се соочи со својата анорексична ќерка Олга, која и понатаму страда по починатата мајка. Плашејќи се дека таа ќе се самоповреди, ја одведува во клиника каде што за неа се грижи психотерапевтката Ана. Неколку години претходно, Ана го изгубила бебето и сега се изолирала во својот стан каде што ги повикува духовите кои комуницираат со живите. Малгожата Шумовска ги користи елементите на црната комедија за да зборува за тешкотиите со кои луѓето се среќаат кога тагуваат поради загубата на саканата личност.
Филмот „Тело“ (Cialo) на духовит начин се занимава со прашањата за телото и за духот, а драмата е набиена со црн и со ведар хумор, но нема намера да одговори на прашањата – што значи да се биде жив, како луѓето се соочуваат со загубата и што доаѓа потоа.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top