Во повеќе градови низ Македонија почна спроведувањето на националната програма за скенирање за рано откривање на рак на дојка. Република Македонија е 27. земја во светот која воведува ваква програма согласно со европските и со светските стандарди. Мамографското скенирање, кое е бесплатно за секоја жена, претставува периодично правење на мамографија на навидум здрава жена без присутни симптоми на рак, со цел откривање на заболувањето во неговиот претклинички стадиум. Со раното откривање на ракот на дојка се намалува смртноста до 30 отсто, вели во интервју за „Република“, д-р Светлана Темелковска, специјалист-радиолог при Универзитетската клиника за радиологија во Скопје.
Според предвидувањата на „Глобокан“, во Македонија три жени дневно заболуваат од рак на дојка. Како ја коментирате оваа бројка?
ТЕМЕЛКОВСКА: „Глобокан“ е дел од Светската здравствена организација (СЗО) која врши статистички анализи на податоци. За жал, во Македонија, до скоро, додека не се воведе „Мој термин“, немавме податоци колку жени заболуваат и умираат од рак на дојка, и на која возраст се. За жал, такви податоци немавме до 2005 година. Со податоците од „Мој термин“, ги добиваме првичните информации за карцином на дојка. Податоците дека дневно три жени во Македонија заболуваат од оваа болест се проценети според тоа колку членовите на „Глобокан“ сметаат дека би заболеле од рак на дојка на основа на стари податоци. Овие бројки не се реални и не се научно докажани. Токму со скенирањето мислам дека за одредено време ќе имаме први реални податоци колку жени во Македонија имаат рак на дојка.
Докажано е дека детектираниот рак во поодмината фаза потешко се лекува и е поголема смртноста кај овие случаи. Затоа и отпочна проектот за скенирање на рак на дојка. Како скенирањето помага во раното откривање на ракот на дојката?
ТЕМЕЛКОВСКА: Скенирање е популистички збор. Терминологијата која можеби е поправилна е рана детекција, рано откривање на рак на дојка, бидејќи со раното откривање на рак на дојка се намалува смртноста до 30 отсто. Тоа значи дека секоја трета жена ќе преживее доколку ние го откриеме карциномот во рана фаза. За жал, во Македонија, македонската жена сѐ уште сама го открива ракот кога тој е поголем од два сантиметра каде што лекувањето е многу потешко. Со таканареченото скенирање, мамографските прегледи ќе го најдат карциномот две години пред тој да има какви било манифестации што пациентката сама може да ги забележи.
Зошто е потребно да се прави мамографија?
ТЕМЕЛКОВСКА: Постојат три вида зрачење. Има природно зрачење во атмосферата, потоа дијагностичко зрачење што го употребуваме при мамографските прегледи и други прегледи на Клиниката за радиологија и постои и терапевтско зрачење кое го употребуваат колегите за малигни заболувања. Ова често им го објаснуваме и на пациентките. Мамографскиот преглед ја има истата количина зрачење како да летате со авион на 8.000 метри. За 40 години откако постои мамографијата немаме индуцирано, односно ние со зрачењето не сме направиле рак на дојка. Со дијагностичко зрачење не може да предизвикате рак на дојка, може само да го најдете во рана фаза.
Од каде потекнуваат оние митови дека мамографијата предизвикува рак на дојка?
ТЕМЕЛКОВСКА: Во Македонија луѓето зборуваат во чекалница. Секој си ја кажува својата приказна што не значи дека е иста со онаа другата. Секоја жена има различен тип дојка и различна фамилијарна анамнеза. Митовите, за жал, се од неедуцираност, како на населението, така, веројатно, и на некои од нас, од медицинскиот персонал. Затоа сметам дека овие нови едукации се многу важни. Медицината многу се развива, особено се развива радиологијата на дојка. Не е исто знаењето што го имаме денес и тоа од пред 30 години. Значи, буквално се митови. Не постои карцином што ќе го направиме ние со мамографија.
Кој сѐ може да се пријави на програмата за скенирање и каде прво треба да се пријават пациентките? Од каде треба да почнат?
ТЕМЕЛКОВСКА: Програмата за скенирање е финансирана од Министерството за здравство. Постои телефонска линија која е отворена и каде што пациентите може да се јават и да се информираат. Бројот е 071 235 685 и на него се јавува лекар кој одговара на прашањата. Од страна на тимот „Мој термин“ е направена веб-страница, www. skrining.mk каде што ги има сите информации. Пациентката треба да се јави или телефонски или да ја посети веб-страницата за да ја упатат за понатаму. За скенирање не треба упат. Пациентките доаѓаат на Универзитетската клиника за радиологија, ставени се во „Мој термин“ со матичен број. Единствено што треба да направат е да се јават во Министерството за здравство. Скенирањето што почнавме да го работиме од 7 април ги опфаќа жените од 50 до 69 годишна возраст. Прва целна група ни се жени кои никогаш не направиле мамографија, а имаат 50 години. Можам да кажам нешто што и мене искрено многу ме изненади. Само во септември, на Клиниката за радиологија од 100 прегледани жени две имаат суспектни наоди за карцином. Ние како радиолози, препорачуваме мамографски прегледи и по 40. година.
Се смета дека нема превенција од рак на дојка, туку превенцијата е во раното дијагностицирање на болеста. Дали македонските жени имаат развиена свест за самопрегледување?
ТЕМЕЛКОВСКА: Моето прво прашање кога пациентките доаѓаат на преглед е: Дали правите самопреглед? Одговорите што најчесто ги добивам се: страв ми е, непријатно ми е. За жал, македонските жени не прават самопреглед колку што ние, медицинските лица би сакале. Самопрегледот е основа на сѐ. Дури и девојки по 20. година треба да знаат како да направат самопреглед. Не постои превенција од рак на дојка. Што може да стори жената? Да го зајакне имунитетот, правилно да се храни, да практикува прошетки во природа. Во светот, секоја осма жена заболува од рак на дојка. Оние што имале во семејството некој болен од рак на дојка, сигурно имаат поголем ризик да заболат. Карциномот на дојка е лотарија. Сѐ уште не знаеме зошто секоја осма жена има рак на дојка. Да знаевме, ќе имавме и лек. Така што самопрегледот и редовните мамографски контроли се основа за секоја жена.
Што очекувате од програмата за скенирање за рак на дојка?
ТЕМЕЛКОВСКА: Со програмата за скенирање очекуваме конечно да се стави ред во прегледите на дојката. Очекувам да се направи заеднички протокол. За жената е многу тешко кога мора да оди во неколку различни установи, различни доктори ѝ кажуваат различни работи. Очекуваме жените да не умираат од рак на дојка како досега. Да имаме реални статистички податоци. Ни претстои огромна работа и мислам дека ќе имаме огромна корист од сето тоа.
Целото интервју може да го погледнете на следниов линк.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Ѓорѓи Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.