| четврток, 6 декември 2018 |

Десет необични приказни за најголемите генијалци

За храбро да јуришате во одбрана на идеја во која никој не верува и да докажете теорија која претходно никој не ја изнел, треба да бидете навистина посебни. Надарени и единствени.

Покрај овие особини, историјата памти дека многу големите умови имале уште една интересна заедничка црта – ексцентричноста, пишува босански „Независне новине“.

Откријте ги најинтересните и најексцентричните епизоди од животите на генијалците кои придонеле за науката повеќе од нивните бројни претходници.

Питагора

Кога ќе помислите на познатиот старогрчки математичар, секогаш прво се сеќавате дека квадрат над хипотенузата е еднаков на збирот на квадратите над катетите, но има и такви кои многу брзо се сеќаваат и на Питагорината страственост во одбрана на идеите кои неговите современици не ги разбирале. На пример, дали сте знаеле дека Питагора бил вегетаријанец кој сепак не јадел грав, а толку бил против ова растение што не сакал дури ни да го допре? Според една легенда, можно е дури и математичарот да загинал токму поради својот необичен однос кон гравот. Имено, него и неговите ученици ги бркале напаѓачи од Кротон за да ги убијат, а Питагора успевал да им избега се додека не се нашол на поле на кое бил насаден грав. Со оглед на тоа дека тоа било единствен излез, Питагора рекол дека попрво ќе умре отколку да згазне на грав, па тој и питагорејците настрадале.

Брахе

Данскиот астроном Тихо Брахе ненадејно умрел во 1601 година, но според некои извори не од труење со жива, како што долго се верувало. Имено, како што пишува Live Science, Брахе бил страствен љубител на забави. Поседувал остров на кој тој и неговите пријатели се забавувале и бил посветен на овие собири. Во една прилика, на банкет во Прага, иако бешиката му била полна, се одлучил да не станува до тоалет бидејќи така би ги прекршил правилата. Тоа било лоша идеја, добил инфекција на бубрезите и бешиката му пукнала, па починал по 11 дена.

Тесла

Никола Тесла, еден од најголемите генијалци во историјата на науката, најверојатно пател од опсесивно-компулсивно нарушување. Како што пишува Live Science, српскиот научник одбивал да допре било што, што не е чисто, потоа влакна и округли предмети како бисерни обетки. Покрај тоа, бил опседнат со бројот три, а ја обиколувал секоја зграда по три пати пред да влезе во неа. Покрај тоа, пред секој оброк употребувал точно 18 салфети детално да го исчисти приборот за јадење.

Хајзенберг

Германскиот физичар и добитник на нобелова награда Вернер Карл Хајзенберг, докторирал во 1923 година, но лесно можел да остане без докторат. Имено, кога професорот го прашал како функционира батеријата, човекот кој е еден од основачите на квантната механика не го знаел одговорот.

Опенхајмер

Американскиот физичар Роберт Опенхајмер течно зборувал осум јазици, се интересирал за поезија, лингвистика и филозофија. Поради сето тоа, понекогаш му било тешко да забележи дека сите кои го опкружуваат не се толку надарени. Се уште се памти приказната за тоа како во 1931 година на Универзитетот во Калифорнија го замолил колегата Лео Неделски да одржи предавање наместо него, Му дал книга и му рекол дека се што треба да каже на часот е во неа. Кога Неделски ја отворил книгата, забележал дека се е напишано на холандски јазик. Опенхајмер на тоа одговорил: Но, тоа е толку лесен дански!

Фулер

Архитектот и научник Бакминстер Фулер и самиот бил по малку ексцентричен. Добро е познато дека носел три часовници, секогаш да знае колку е точно часот во различни временски зони, спиел два часа, водел детален дневник за својот живот, толку детален што на секои 15 минути внесувал нов запис. Денес неговиот дневник се наоѓа на Универзитетот Станфорд и како што веројатно може да се претпостави, зазема повеќе место од обичен дневник: висок е 82 метри.

Ердеш

Унгарскиот математичар Пал Ердеш бил толку многу посветен на науката што одлучил да не се жени и немал дом, туку постојано бил во движење. Често ненадејно се појавувал на прагот на некој од своите колеги и велел – Мојот мозок е отворен. А потоа со него решавал задачи ден или два. На постара возраст многу сакал да пие кафе, апчиња со кофеин и амфетамини, да остане што подолго буден и се бавел со математика 19 до 20 часа дневно. За својот живот објавил 1.500 важни трудови.

Фајнман

Ричард Фајнман, еден од најпознатите теориски физичари во 20 век, се досадувал при една прилика за изработка на планови за проектот Менхетен, па одлучил да ги искрши бравите и да ги обие сефовите за да покаже колку е лесно да се упадне во различни системи. Меѓутоа, тоа не било крај на неговите авантури; се дружел со танчерки во Лас Вегас, станал експерт за мајански јазик, го совладал и тиванското грлено пеење.

Хевисајд

Британскиот математичар и инжинер Оливер Хевисајд пријателите го оцениле како многу необично лице. Тој ги лакирал ноктите со розев лак, со денови пиел само млеко, боледувал од хиперграфија и ја обложил целата куќа со огромни гранитни блокови.

Марш и Коуп

Отнијел Чарлс Марш, палеонтолог во Музејот Пибоди при Универзитетот Јејл и Едвард Дринкер Коуп кој работел на Академијата на природоматематички науки во Филаделфија, соработувале на бројни ископувања кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Меѓутоа, со време станале пријатели и изградиле едно од најпознатите непријателства во историјата на науката. Марш на едно ископување ги подмитил чуварите на локалитетот за да му пречат на Коуп и да го оддалечат од вистинските траги, а во друга прилика имал многу шпиони на ископина на која Коуп работел без него. Во нивно време се појавиле гласини дека еден на друг си поставувале динамит на места на кои чувале најдени скелети за да оневозможат евентуални важни откритија. Со години меѓусебно се навредувале и омаловажувале во бројни написи и се обвинувале за злоупотреба на финансиски средства. Нивниот судир бил наречен Војна на коските. Сепак, заедно придонеле на науката со многу големи откритија во областа на палеонтологијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top