Во Буџетот за следната година има средства за почеток на реализација на три нови технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ) од кои едната во Липково по барање на коалицискиот партнер, другата во Куманово, каде што живее мешовито население и каде што има претставници од сите етнички заедници, а третата во Маврово – Ростуше, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет, пренесе МИА.
Ставрески му реплицираше на пратеникот Газменд Алији од ДПА кој забележа дека недостасуваат ТИРЗ каде што има албанско население, оценувајќи дека ваквиот начин на споредба и инсинуациите дека се фаворизира одредена етничка заедница за сметка на други не е соодветен и не е прифатлив.
– Додека работам на буџетот и на неговото формирање, секогаш ќе се борам и како поединец и како член на Владата за повеќе проекти и повеќе средства за сите етнички заедници и решавање на проблемите што ги тангираат и Македонците и Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците и Власите сите и сите други што живеат во Македонија, рече вицепремиерот.
Појасни дека покрај ова во буџетот на Агенцијата за зоната во Струга, каде што исто така живее голем дел албанско население, има 103 милиони денари за нејзина изградба.
– И таму кога ќе се отвори фабрика, очекуваме да се вработуваат и Македонци и Албанци и сите други етнички заедници. Во Кичево исто така имаме за дозаокружување на зоната ставено средства, во Тетово има извесни средства,… Нашата политика е да се отворат ТИРЗ во што повеќе градови и да се вработат и Македонци и Албанци и Турци и Срби, Власи и сите што се невработени да може да дојдат до поголема шанса за работа, истакна Ставрески и додаде дека истото се однесува и за проектот за гасификација, пренесе МИА.
Обезбедени се, посочи, 90 милиони евра за почеток на гасификација за два нови крака – едниот од Штип преку Неготино до Битола и вториот од Скопје преку Тетово до Гостивар.
– И тие ќе почнат со реализација во исто време доколку со експропријацијата се заврши се како што е предвидено. Ќе видите дека во 2016 година ќе почне реално градба на гасификациската мрежа и од Скопје кон Тетово и од Штип кон Битола. И тука парите се обезбедени, рече Ставрески.
Кај патиштата за Коридорот 8, изградбата се одвива преку Јавното претпријатие. – Тоа не е прикажано во Буџетот, меѓутоа на Коридорот 8 се реализира проектот од Кичево до Охрид односно до Струга и таму живеат Македонци, Албанци и сите други и го користат тој коридор. Предвидени се средства за изградба на патот од Требеништа кон Струга, за изградба на пат Тетово-Гостивар и многу други проекти каде што живее албанско население, истакна Ставрески.
Се прават, потсети, театар и библиотека во Тетово, но и таму, како што рече, ќе одат и Македонците што живеат во Тетово.
За Равен Речица, нагласи, проектот е ставен во програмата за рурален развој. – Предвидени се одредени активности на овој проект, како и на многу други. Тоа е составен дел на програмата на Владата на РМ, како и на другите проекти во делот на изградба на водоснабдителни системи или системи за наводнување. Има одредена динамика, проектна документација и слично се работи значи како и на многу други проекти, информира Ставрески.
Во делот на ИПА, Министерството за финансии, како што нагласи вицепремиерот, многу внимава да бидат опфатени сите општини. Ќе се реализираат проектите што локалните самоуправи ги барале, а средствата за инфратсруктурата, патишта, водоснабдување,…, се обезбедени. Станува збор за Арачиново, Боговиње, Камењане, Брвеница, Желино, Челопек, Липково, Кичево,…
Реџаиљ Исмаили од ДУИ рече дека во Предлог – буџетот за 2016 година има зголемување во сите сегменти – капитални инвестиции, субвенции, блок дотации и секоја дејност е во служба на граѓаните. ДУИ, посочи тој, е за пропорционално распределен и балансиран буџет.
Расправата за Предлог-буџетот на Република Македонија за 2016 година продолжува утре.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



