| четврток, 6 декември 2018 |

Мисајловски: Механизацијата на терен работи на санирање на последиците од невремето во охридско

Вечерва се одржа вонредна седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување, на која покрај градоначалникот на Охрид и директорите на општинските јавни претпријатија, присуствуваше и министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски. На состанокот беше присутен и директорот на ЈПДП Александар Стојанов.

На состанокот беа утврдени критичните тоцки, сите пет свелечишта кои се појавија во овој регион веднаш се санирани, се договори да се обезбедат дополнителни пумпи за вода и дополнителна механизација. Исто така, каналите за одводнување се исчистени и проширени, пренесува Охрид24.мк.

-Тука сум за заедно со градоначалникот да видиме како Влада што може да помогнеме и апсолутно целосно ќе се ставиме на користење на Локалната самоуправа. Ги утврдивме сите критични точки што се појавија во Охрид; три свлечишта кои се наоѓаат на патот од Охрид до Свети Наум: кај автокампот Елешец, на влезот од селото Пештани и во центарот на Пештани, како и свлечиштата во Велгошти и Долно Лакочереј. Како што добив информација од Македонија пат, денеска се санирани сите свлечишта, но во текот на денот има постојани одрони, кои постојано се чистат и моментално се проодни сите патишта. За дел од каналите кои биле запушени веднаш излегле екипи за да ги исчистат, направени се дополнителни пропусти за вода, а каналите се и проширени. Поплавени се и неколку подрумски простории, дел од неколку куќи. Веднаш договараме да се обезбеди дополнителна механизација и пумпи, остварив контакт со градоначалникот на град Скопје и ЈП Водовод на град Скопје кои дополнително ќе дадат механизација, а ќе има и неколку кипери“, изјави Владо Мисајловски, министер за транспорт и врски.

Според министерот, приоритет во моментов е будно да се следи состојбата и да се види дали има потреба од додатно ангажирање на пумпи и на целосна механизација во сите подрачја зафатени со врнежите.

„Ја следиме будно состојбата цело време, ако има потреба од тоа јас ќе останам во Охрид. Очекувам дека до утре до 12 часот ќе има ваков константен дожд, отприлика 30 литри на метар квадратен за 24 часа. По разговорот со директорот на хидрометеоролошки од Скопје, Оливер Ромевски, добив уверување дека утре по 12 часот ќе се намали интензитетот на врнежите, но мора да останеме будни. На овој состанок ќе преземем мерки и за останатите денови, не само за утре, бидејќи и за наредниот викенд се најавуваат нови врнежи“, нагласи министерот Мисајловски.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески посочи дека најголем дел од последиците на невремето се санирани од страна на општинските јавни претпријатија.

„Можеме да констатираме дека најголем дел од последиците од невремето во Охрид се санирани и отстранети се сите оние можни ризици коишто можат да доведат до повторно настанување на вакви штети за граѓаните на Охрид. Сакам да изразам задоволство од она што координативното тело за справување со кризи на општина Охрид го спроведе во текот на вчерашниот и денешниот ден. Во текот на вчерашниот ден, веднаш по полноќ, јавните претпријатија заедно со екипите на Макеоднија пат успеаја да ги санираат и свлечиштата и сите препреки и стеснувања во мрежата на канали, посебно во северниот дел на градот, над булеварот Железничка“, рече Бакрачески.

Тој информираше дека екипите на Проаква и Нискоградба биле активни и во централното градско подрачје: на улиците Дејан Војвода, Стив Наумов и Абас Емин кадешто имало поплавени домаќинства. Истакна дека најголем дел од штетите се отстранети, освен уште во две куќи каде постои одредено количество вода.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top