| четврток, 6 декември 2018 |

Македонците од Кливленд бараат Иванов да се заземе за дијаспората

Македонската заедница од Кливленд „Македонско братство Кливленд“ сака да ја изрази загриженоста за ставовите на поедини политички субјекти кои се однесуваат на ограничување на нашето право да учествуваме во секој нареден изборен процес и да избереме свои пратеници кои ќе не претставуваат и ќе ги застапуваат начите интереси во највисокиот законодавен дома, а тоа Собранието на Република Македонија, се вели во писмото упатено до Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.

Во продолжение интегрален текст од барањето Македонско братство Кливленд:

– Преку ова писмо, претседателе Иванов, ние сакаме директно и отворено да излеземе во одбрана на нашите уставно загарантирани граѓански и политички права како македонски државјани со привремен или постојан престој надвор од нашата држава, Република Македонија. Воедно, сакаме да упатиме и порака до сите политички субјекти, членови на работната група која ги подготвува измените во Изборниот законик на Република Македонија, но и сите македонски државјани дека македонската дијаспора во Кливленд нема да дозволи!

Ве замолуваме и Вас да не дозволите некој да ги поткопува темелите на правната држава и институциите на системот и да си поигрува со македонската дијаспора. Ние досега во многу наврати ја имаме покажано нашата грижа и посветеност кон татковината. Ја користиме секоја прилика за да се вратиме во нашите родни огништа, да помогнеме на нашите најблиски, дел од нас се одлучуваат и да го инвестираат својот капитал и после пензионирањето да се вратат повторно таму каде припаѓаат. Дополнително, будно ги следиме сите случувања и несебично ја пружаме нашата материјална и морална поддршка и помош секогаш кога е потребно. Жалосно е да му се дозволи на некој кој во изминатито период отворено работи против доброто на нашата татковина да си поигрува со нас и да ги ограничува нашите права како да сме граѓани од втор ред. Недолично и небулозно е однесувањето на политички субјекти кои сакаат да бидеме третирани како странци во сопствената држава.

Со ова писмо сакаме да Ве повикаме Вас Претседателе Иванов да застанете во одбрана на дијаспората и да не дозволите да се погази правото на глас  и да се уништи се она што е досега направено. Претседателе Иванов, не дозволувајте погазување на целиот труд, посветеност и макотрпна работа за да се подобрат состојбите во нашата земја.

Сега се е во Ваши раце! Сите погледи се вперени во Вас и во вашата моќ да ја донесете финалната одлука за да се зачува правото на дијаспората да има свој претставник во Законодавниот дом!

Со почит,

 

“МАКЕДОНСКО БРАТСТВО КЛИВЛЕНД”

ОСНОВАЧ НА МАКЕДОНСКО БРАТСТВО КЛИВЛЕНД – Жарко Тодоровски”

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top