| четврток, 6 декември 2018 |

Вељаноски повика на обединување, национален и државен консензус, одговорност и самостојност

Според него, Македонија има сила да го надмине предизвикот со политичката криза, како многу други такви предизвици во минатото. – Граѓаните имаат сила да надминат сé, па и оваа состојба. Времето ќе помине. Чадот ќе се спушти. Бомбите ќе стивнат. Емоциите ќе се надминат. Многу работи ќе се вратат во своите природни тежишта. Меѓутоа една работа ќе остане до крајот на времето. Тоа е вистината!, посочи Вељаноски

Да покажеме дека сме единствени кога станува збор за историјата на Македонија и за големите државни прашања. Македонија најмалку што заслужува е нашето единство и лична одговорност кон неа и за неа, истакна претседателот на Собранието Трајко Вељановски во обраќањето на свечената академија по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.

Вељаноски повика на обединување, национален и државен консензус, одговорност и самостојност  во решавање на проблемите.  Политичките разлики, укажа, мора да исчезнат пред важните државни прашања, а потрбено е уште поголемо ангажирање во остварување на целта за интеграција на Македонија во НАТО и во Европската унија.

На свечената академија, што се одржа во Македонскиот народен театар, присуствуваа претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, министри, пратеници, претставници на судската власт, верските заедници, на дипломатско-конзуларните претставништва…..

Според претседателот на Парламентот, во денешните политички предизвици  треба да бидеме, како што рече, одговорни личности со „сите нишани“ и самите да ги решаваме проблемите. Високо ја цениме, рече Вељаноски, помошта на нашите меѓународни пријатели во овие моменти и благодариме за нивната вклученост и поддршка.  Тоа за нас е практичен израз на пријателството и на соработката што ја имаме. Меѓутоа, потенцира, не смееме да дозволиме оваа состојба да продолжи во недоглед.

– Македонија беше создадена за да биде држава, а не за да биде протекторат. Да ги решиме отворените прашања заеднички со помош на нашите меѓународни пријатели, за да не ни се повторуваат овие нешта во иднината. Да излеземе посилни и поединствени од оваа криза! Да ги зајакнеме темелите за да може Македонија да излезе уште поцврста и уште подемократска држава. Кога веќе се доведовме во состојба да ни биде потребна помош од страна, да го искористиме тоа за да ги надминеме нашите слабости. Во оваа криза треба да ја најдеме шансата за Македонија. Шанса – која ќе нѐ направи подемократски, поединствени, пообединети и поблиски до НАТО, до Европската унија и до Соединетите Држави, порача Вељаноски.

Укажувајќи дека Република Македонија го живее сонот на партизаните и на илинденците и оти нашите предци ја извојувале слободата и започнале да ја градат државата, потенцира дека денес сме должни да ја надградиме и да ја унапредиме Македонија.

– Предизвиците со кои се соочуваме мораме да ги совладаме. Друг избор за нас не постои. Да се откажеме, не е опција за Македонија и за нашите граѓани. Имаме сила и доволно голема државотворна свест за да се носиме со проблемите со кои се соочуваме. Мораме да продолжиме да ги јакнеме демократските темели на Македонија, да ја развиваме нашата татковина, рече Вељаноски.

Секоја партикуларна идеја или тесен партиско-политички интерес, нагласи, е осуден на пропаст и на историски потсмев доколку и’ штети на Македонија.

– Сé што е спротивно на идејата за демократска и развиена Македонија ќе биде дел од ѓубриштето на историјата кое ќе служи единствено како пример како не треба да се постапува кон нешто што е толку важно и свето како што е важна и света нашата татковина, Република Македонија, рече Вељаноски.

Според него, Македонија има сила да го надмине предизвикот со политичката криза, како многу други такви предизвици во минатото. – Граѓаните имаат сила да надминат сé, па и оваа состојба. Времето ќе помине. Чадот ќе се спушти. Бомбите ќе стивнат. Емоциите ќе се надминат. Многу работи ќе се вратат во своите природни тежишта. Меѓутоа една работа ќе остане до крајот на времето. Тоа е вистината!, посочи Вељаноски.

Порача дека секоја политичка цел и секоја политичка кариера е крајно минорна доколку цената за нејзиното остварување е на штета на Македонија. Ниту една политичка одлука ќе нема смисла во вечноста доколку жртвата била татковината. Ништо наше поединечно како личности или како членови на партии не е добро, ниту исправно доколку со тоа ја подриваме Македонија, рече Вељаноски.

Ова, нагласи, е единствената вистина и исправен пат. Да не се залажува некој дека ќе се протне незабележано од судот на народот. Затоа, како личност, но и како претседател на македонското собрание, повикувам уште еднаш да се обединиме зад татковината. Тоа е единствениот сигурен, едноставен и најкраток пат! Повикувам на единство и на искреност! Повикувам на сеопшто обединување зад големата идеја на Македонија! Повикувам на национален и на државен консензус! Ваквиот повик ги содржи сите елементи на еден искрен и човечки однос. Политиканството во сериозни моменти е кукавичлук! Ова време не е тоа време! Да бидеме одговорни и да покажеме дека сме сериозни луѓе!, рече Вељаноски.

Власта и опозицијата имаат свој дел од обврските, но, подвлече, нивната цел треба да биде Македонија затоа што сите постапки се мерат согласно тоа.

– На овој 11 Октомври кога се сеќаваме на периодот од втората светска војна, да се повикаме на позитивните примери од нашата историја, рече Вељановски и побара да не се дозволи денес да ја испишеме најновата македонска историја со лоши примери на неединство и на конфликтност.

Да не дозволиме, потенцира, конфликтите помеѓу левицата и десница на македонското револуционерно движење од периодот помеѓу двете светски војни да бидат одлика и на денешното време. Да не дозволиме кодошењата од периодот на педесетите години на 20-от век заради кои беа полнети затворите на голи оток да најдат свој израз во денешнината.

Македонија, оцени, денес е демократска, стабилна и просперитетна држава, со изразени амбиции, а народот е желен да се докаже пред светот и ќе истрае на тој пат. Македонија, смета Вељаноски, е решена да ги добие денешните нови битки за економскиот развој, странски инвестиции, квалитет на животот, демократија.., како и да ги надмине проблемите за светла иднина на нашите деца.

Народот низ историјата до денес, додаде, страдаше и се бореше за своја држава за да може самиот да одлучува за своите работи и за својот живот. Не смееме да се откажеме од таквата одговорност и привилегија и мораме да изнајдеме сили и да разговараме самите меѓу себе! Јасно да кажеме дека благодариме на сечија помош до сега, но дека мораме самите да се договориме како луѓе. Македонија не заслужува вакво нешто. Не смееме да дозволиме заради нашите политички разлики, да ја релативизираме силата на државата. Да ги вратиме работите во своето природно тежиште, порача Вељаноски.

Политичките разлики, укажа, мора да исчезнат пред важните државни прашања, а единството на сите партии да се афирмира уште повеќе.

– Да се ангажираме уште повеќе во остварувањето на целта за интеграција на Македонија во НАТО и во Европската унија, да го развиваме и да го унапредуваме сојузништвото со Соединетите Американски Држави. Да продолжиме да ги развиваме меѓуетничките односи и соживотот на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите и Бошњаците. Да продолжиме да ја развиваме економијата и да го јакнеме животниот стандрад. Да ја развиваме демократијата, слободата и да воспоставуваме нови врски со слободниот и демократски свет. Граѓаните очекуваат од нас сплотеност и соработка, рече Вељаноски.

Според него, нема поголема причина за заедништво од иднината на граѓаните.-  Нема поголем повод за таква јавна манифестација од 11 Октомври! Да живееме во мир со себе, со нашите ближни и со оние кои се различни од нас. Да бидеме добри христијани и добри муслимани. Да продолжиме уште повеќе да ја сакаме земјата на нашите огништа, бидејќи таа е единственото место во овој свет кое можеме да го наречеме наш дом. Да им се радуваме на нашите поколенија, кои се иднината на оваа земја, бидејќи сé што правиме е бесполезно доколку немаме на кого тоа да му го оставиме, рече Вељаноски, честитајќи го празникот 11 Октомври.

Делата на борците на Народноослободителната војна, потенцира во говорот, се основата на сите подоцнежни македонски триумфи и победи.  Заради делата на овие синови и ќерки на Македонија, посочи Вељаноски, денес сме независни, суверени и самостојни како народ и како земја. Да бидеме горди и да ги прославуваме сите важни триумфи и национални настани, рече Вељаноски.

Драги Ѓорѓов, директор на Националниот институт за историја, рече дека востанието од октомври 1941 година има свои неменливи и неминливи вредности, кои се уште се актуелни за постигнување  на идеалите за кои плејада борци антифашисти го дадоа својот живот, а тоа е еден  подостоен свет – свет по мерка на човекот.

– Денес кога РМ настојува да стане член на Унијата која ги симболизира демократијата и слободата се држи  до истите вредности кои ги  почитуваа и учесниците на  национално-ослободителната и антифашистичката војна.  Нејзините граѓани ги  почитуваат принципите на заемна почит и солидарност со своите соседи. Одбележувањето и прославата на Денот на востанието не значи славење на војната туку славење на идеалите за кои се бореа и загинаа плејада антифашисти, рече Ѓорѓов.

Датумот 11 Октомври, посочи Ѓорѓов, е длабоко вкоренет во  македонската национална свест и ја чува меморијата во решавачкиот период од поновата  македонска историја кога се создаде современата македонска држава и сите нејзини  институции.

– Со 11 Октомври  преку антифашистичката борба започна финалната борба од остварувањето  на националните цели, национална слобофда и сопствена држава. Таа борба заврши со АСНОМ кој претставува круна не само на национално ослободителната антифашистичка војна на Македонија, македонскиот народ и нејзините граѓани, туку и на сите претходни борби и востанија, наведе директорот на Националниот институт за историја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top