-Последните неколку дена во Република Македонија се создаде атмосфера на катаклизмични врнежи (потоп), кои внесоа немир и паника кај граѓаните, посебно кај земјоделците и локалната самоуправа, за појава на таканаречен циклон “ДИМИТАР“ и циклон “КРИСТИЈАН“ од страна на неовластено лице кое се претставува како “метеоролог Славчо Поповски“ и кое ги дезинформира медиумите со мејлови и преку социјалните мрежи како “Метео Ухмр Македонија“- реагира надлежните во Управата за хидрометеоролошки работи на Македонија.
Управата за хидрометеролошки работи информира дека со ова лице нема склучено никаков договор за соработка, ниту пак некој од 400-те вработени и набљудувачи го познава истото.
-Исто така, со Законот за хидрометеоролошка дејност („Службен весник на РМ“ Бр103/2008, Број 115/2008 и 53/2011), во член 26 став 1 е утврдено дека Управата е единствено надлежна за предупредувања и најава за појава на вонредни, опасни и катастрофални неповолни временски и хидролошки појави и процеси; во нат.текст временски непогоди; во став 2 се вели дека Управата е должна да врши постојано радарско, сателитско следење, анализирање и прогнозирање на временските непогоди, како и став 4 каде се вели дека Управата е должна, преку средствата за јавно информирање да ја известува јавноста за појавата на временските непогоди- велат од УХМРМ.
Управата за хидрометеоролошки работи максимално и професионално ги користи своите организациски, кадровски, технички и научни ресурси за правовремено обавување на активностите по овој член.
-Исто така, Управата за хидрометеоролошки работи НЕ ИМЕНУВА циклонски активности, бидејќи се работи за комерцијален концепт, а се однесува на атмосферски влијанија кои делуваат во десетици држави и како такви немаат потреба од локален идентитет.Оттаму, ова лице кое се претставува како “метеоролог Славчо Поповски“ нема ниту официјален договор за соработка, ниту пак ги добива нашите продукти од нашиот официјален мејл, а нема ни средства, ниту опрема истото да врши мерења и да дава официјална прогноза, што е регулирано во член 37 став 1 од Законот кој вели: ако лицето врши работи од членовите 8 и 9 на овој Закон, без претходно овластување на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство; (став 4), и дека глоба во износ од 500 до 1000 евра ќе се изрече на физичко лице или трговец поединец за прекршоците од став 1 на овој член – додаваат од УХМРМ.
Управата ќе поднесе предлог за прекршочна постапка по утврдувањето на идентитетот на лицето “метеоролог Славчо Поповски“ од надлежните органи.
– Сериозноста која ја носат климатските промени и оттаму нестабилните атмосферски влијанија, мора да биде на највисоко можно ниво, па затоа прифаќањето на информациите за временската прогноза и хидролошката ситуација во Република Македонија мора да бидат од единствениот релевантен фактор-државна институција, Управата за хидрометеоролошки работи која е под Министерството за земјоделие, водостопанство и шумарство, Влада на Република Македонија и полноправна членка на Светската Метеоролошка Организација и дузина релевантни институции и проекти во областа на метеорологијата и хидрологијата низ светот. Затоа предупредуваме, дека секакво користење на непроверени информации може да доведе до несакани последици – нагласуваат од УХМРМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.