Професионалните возачи од 1 јануари наредната година нема да можат да возат по патиштата во ЕУ доколку не поседуваат уверение дека немаат или на соодветен начин не го лекуваат нарушувањето ноќна апнеа . Македонските возачи можат да возат во земјава, да отидат до Србија или до Црна Гора, но не и да заминат во Хрватска… Причина за ваквата одлука е обидот да се намалат сообраќајките на патиштата. Експертите сметаат дека ноќната апнеа, која всушност се манифестира со прекин во дишењето во текот на сонот, а последиците се замор и поспаност, е причината за околу 30 проценти од сообраќајните незгоди кои се случуваат. Според хрватските медиуми, ова е пропишано со директива на ЕУ и сите земји-членки мора да ги усвојат одредбите на таа директива, да ги објават и да почнат да ги применуваат од првиот ден од наредната година. Врз основа на тоа, нема да може да се издаваат или да се обновуваат интернационалните возачки дозволи на лицата кои боледуваат од ноќна апнеа, а немаат медицинска потврда за соодветен третман. Ваквата обврска ќе се однесува на сите професионални возачи – од возачи на автобус, преку возачи на шлепери, до пилоти.
Нема тест за возачите
Хрватските медиуми коментираат дека ова ќе се однесува и на земјите кои не се членки на ЕУ, од причина што на овој начин ЕУ се обидува да го намали бројот на сообраќајни незгоди. Но македонските превозници велат дека тие немаат никакви најави дека им е потребна дополнителна потврда за да можат да ја извршуваат својата работа.
– Досега немаме никаква најава дека на возачите им е потребна потврда дека не боледуваат од ноќна апнеа или потврда дека подлежат на соодветен медицински третман. Не мора да значи дека ако е задолжително за членките на ЕУ, ќе биде задолжително и за македонските возачи. Не секоја регулатива која важи за членките на ЕУ важи и кај нас. Може таквата директива да не се однесува на возачите кои доаѓаат од земји кои не се членки на ЕУ – вели Билјана Муратовска, од Асоцијацијата на превозници „Макамтранс“.
Согласно со Законот, македонските превозници се задолжени да имаат два прегледа – систематски преглед, кој се прави секоја година и лекарски преглед, на кој се добива потврда дека лицето може да ја извршува таа работа. Возачите ја носат потврдата во своето возило и таа не смее да биде постара од три години.
– Ние усогласивме на систематскиот преглед превозниците да ги добијат двата типа потврди. Доколку во иднина треба да се добива потврда и за ноќна апнеа, Министерството за здравство треба да го вметне и тој преглед во веќе постојната лекарска контрола на која подлежат возачите – вели Муратовска.
Што е ноќна апнеа?
Заради повеќекратните прекини на дишењето за време на сонот, од кои секој може да трае од десет секунди до две минути, кај пациентите со ноќна апнеа доаѓа до намалување на дотокот на кислород до виталните органи, меѓу кои и до срцето и до мозокот. Ваквата состојба, доколку не се открие и не се лекува, може да предизвика бројни сериозни заболувања, како висок крвен притисок, срцеви напади, мозочен удар и дијабетес. Исто така, заради заспивањето во текот на денот овие пациенти имаат и до 12 пати поголем ризик да предизвикаат сообраќајна незгода во споредба со здравите луѓе. Ваквите последици се премногу сериозни за да можат да бидат игнорирани.
Третманот на оваа болест е преку апарат кој овозможува континуиран проток на воздух преку носот со користење маска.
Многумина ја имаат, малкумина ја лекуваат
Податоците на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија во Скопје, објавени пред неколку месеци, покажуваат дека во Македонија опструктивна ноќна апнеа годишно се открива само кај 50-ина пациенти, иако нивната реална бројка достигнува и до повеќе од 100.000 лица.
„Само 16 отсто од малкуте пациенти кај кои се дијагностицира ноќна апнеа се лекуваат. Останатите продолжуваат да живеат со проблемот што го загрозува нивното здравје, им го скратува животниот век и до десет години во просек и го зголемува ризикот за сообраќајни и за други несреќи кои можат да ги предизвикаат овие луѓе поради тоа што заспиваат возејќи во текот на денот“, изјави проф. д-р Бисерка Јовковска Ќаева од Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија.
Претседателот на Македонското здружение за ноќна апнеа, професор д-р Дејан Докиќ, неодамна повика и во земјава да се примени регулативата на ЕУ за задолжително тестирање на возачите за оваа болест и дополнително да се преземат ефективни мерки за навремено откривање и успешно лекување на опструктивната ноќна апнеа од која страда пет отсто од возрасната популација или 100 милиони луѓе во светот.
Пишува: Билјана Зафирова
(Текст објавен во 161. број на неделникот „Република“, 2.10.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Возачите на Балканот во паника: Пристига новиот радар со кој полицијата ќе може освен брзината, да детектира и дали зборувате на телефон!
-
Измените во законот стапија на сила: Лицата над 70 ќе треба да ја обновуваат возачката на три години
-
Измени на законот за возачите над 65 години во Македонија
-
Апел од граѓаните до ЈСП: Позанимавајте се со однесувањето на возачите, бидејќи се однесуваат како шерифи!