Неколкудневниот застој на протек на стоки на српско-хрватската граница на превозниците и на извозниците им донесе моментни, но и долгорочни штети. Производите што се превезуваа, а се расипливи, како домати, краставици и пиперки, не можеа да стигнат до своите крајни дестинации, па транспортерите имаат штета и од чекањето и од изгубената тура, а некои договори беа и откажани. Камионите што одеа по алтернативните и по заобиколни патишта потрошија повеќе гориво, што исто така значеше дополнителен трошок. Додека траеше блокадата некои од откупувачите на овошје и на зеленчук ги откажаа нарачките за Словенија и за Хрватска, а го намалија и откупот на земјоделски производи. Сѐ на сѐ, штетите се големи и сѐ уште се пребројуваат, но останува проблемот на нивно надоместување и неизвесноста дали може да се повтори слична ситуација. Според стопанствениците, какви и да било ембарга и блокади кои немаат своја реална оправданост и потреба, требало веќе одамна да бидат надминати како застарени, примитивни и несоодветни мерки и начини за дејствување. Меѓународните договори предвидуваат слободен протек на стоки и на луѓе и тие како такви треба да се почитуваат. Проблемот со емигрантите ги погодува и економиите и превозниците, но треба да се најде соодветен начин за негово решавање. Превозниците бараат од ЕУ да формира фонд со средства кои ќе бидат искористени за покривање на сегашните и на евентуално идните штети од застој на границите.
Од Асоцијацијата на превозници „Макамтранс“ очекуваат да се обезбеди некаков начин за надоместување на нивните штети.
– Поднесување тужба со која би барале надоместување на штетата е невозможна мисија и за поединци и групно, бидејќи трошоците за такво нешто се преголеми. Единствен начин да бидеме обесштетени е ЕУ да оформи фонд на средства од кој би се покриле нашите штети, како сега, така и во иднина, ако се повтори ваква блокада. Ние веќе упативме вакво барање до институциите во ЕУ, па останува да видиме каква ќе биде нивната реакција и одговор. Засега ние како превозници сѐ уште ја немаме сумирано штетата предизвикана од затворањето на границите, бидејќи камионите сѐ уште не се вратени од пат, но факт е дека штетите се големи, посебно за оние што превезуваа лесно расиплива стока. Не знаеме во каква состојба се производите кои се однесени до нарачателите и дали истите ако не ги задоволуваат барањата може да бидат вратени. Има штета и од чекањето на границите, плус изгубена тура, бидејќи камионите требаше да бидат веќе вратени и да одат на нова тура. Границата се пушти, но превозниците подлежат и на други правила за превоз и движење, што севкупно го усложни процесот на транспорт и донесе дополнителни трошоци – вели Биљана Муратовска од „Макамтранс“.
Според неа, превозниците трпат штети и од емигрантите кои се пикаат во транспортниот простор, без знаење на камионџиите.
– Камионите се големи и возачите немаат целосен преглед што се случува во нив, па кога емигрантите ќе бидат откриени од пограничната контрола, ги затвораат и возачите, бидејќи тоа се толкува како шверц со емигранти, што е казниво. Додека помине процедурата камионот стои на граница, возачот во притвор и повторно се предизвикува дополнителен трошок – објаснува Муратовска.
Штетите од блокадата што настана од Хрватска кон Србија се пресметуваат и во компаниите во рамки на Групацијата за транспортни услуги и шпедиција при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).
– Како резултат на блокадата што траеше неколку дена, превозниците беа принудени да се снаоѓаат со пренасочување кон алтернативни соседни граници, каде што се поминуваше и покрај подолгите колони. Сепак, тоа за нив значи дополнителни километри за возење и дополнителни дозволи за транспорт кои паднаа на товар на компаниите. Така, штетите што ги претрпеа транспортните компании се значителни, но бидејќи беше краток рокот, се надеваме дека истото ќе успее да се коригира. Во периодот што следува, и покрај зголемување на интензитетот на бегалската криза, веруваме дека блокадите нема да се повторат, но остануваме да ги известиме компаниите за сѐ што се случува – велат од Сојузот на стопански комори.
Инаку, македонските превозници беа заглавени на српско-хрватската граница цела недела.
Состојбата ескалираше откако Хрватска ги затвори границите кон Србија, бидејќи поради ѕидот изграден од Унгарија, емигрантите од Србија на трасата кон европските земји, се пренасочија преку Хрватска. А потоа Србија одговори со забрана за премин на границата на хрватски камиони и на камиони што превезуваат хрватска стока.
Поради затворање на границата, беше извршен притисок од македонската влада и од коморските здруженија кои побараа од Хрватска и од Србија, да се укине „неразумната“ забрана која ѝ штети на бизнисот, а членките на ЦЕФТА им дадоа рок на Хрватска и на Србија да ги повлечат санкциите и да продолжи протекот на луѓе и на стоки.
– Ние реагиравме и им укажавме на хрватските власти дека ова е надвор од сите меѓународни договори за протек на луѓе и на стоки. Освен со институциите во Брисел и со ЦЕФТА, контактиравме и со нашите колеги во Србија, Косово, Албанија и во Турција, кои беа засегнати со овој проблем – изјави заменикот-министер за економија, Христијан Делев.
Реагираше и претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, со барање до Стопанските комори на Србија и на Хрватска за преземање најитни чекори за решавање на проблемот со блокираните гранични премини.
– Стопанската комора на Македонија јасно стои на ставот дека какви и да било ембарга и блокади кои немаат своја реална оправданост и потреба, треба веќе одамна да бидат надминати како застарени, примитивни и несоодветни мерки и начини за дејствување. Ние предупредивме дека голем е бројот на македонски компании кои поради ваквата состојба ќе претрпат значителни штети, бидејќи дневните испораки на стоки кон Република Хрватска, Република Словенија и кон другите земји од Западна Европа се драстично намалени, истите доцнат, а се јавува и недостаток на транспортни возила кои треба да превезуваат нова стока – објаснуваат од Стопанската комора на Македонија.
Под притисокот на Европа и меѓународните организации за трговска размена, Хрватска ја отвори границата со Србија и беше воспоставен нормален протек на стоки.
Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 161. број на неделникот „Република“, 2.10.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст