| четврток, 6 декември 2018 |

Орден за вистинско пријателство

Највисокото одликување на Република Македонија, несомнено, е на вистинските гради. Орденот на Република Македонија, доделен на поранешниот претседател на САД, Џорџ Вокер Буш, е признание за поддршката што државата ја ужива од американското општество во вековната борба за зачувување на, пред сè, идентитетската препознатливост на македонскиот народ. Буш и неговата администрација направија вистински исчекор во меѓународните односи на патот што Македонија сè уште го оди

Македонија, со највисокото признание – Орденот на Република Македонија, се оддолжи кон Џорџ Вокер Буш. Признавањето на уставното име на Република Македонија и јасно искажаната поддршка за членство во евроатлантските организации од Соединетите Американски Држави, неоспорно се меѓу најзначајните моменти во поновата македонска историја, од осамостојувањето досега. Двата моменти се надградени и со стратегиското партнерство меѓу двете земји, и од македонски аспект, го одбележаа владеењето на администрацијата на 43. американски претседател, Џорџ Вокер Буш.

Наспроти неговите големи планови за реформи во американското општество, периодот на неговото владеење со Соединетите држави беа детерминирани од терористичките напади на американската почва. Единаесетти септември 2001 година, денот кога 3.000 Американци ги загубија животите, е денот кога почна војната против светскиот тероризмот, но и прекројувањето на картата на светот. САД на чело со Буш ја создадоа коалицијата против екстремизмот, прво во Авганистан, а потоа и во Ирак. Во тој период, Република Македонија, извлекувајќи се од меѓуетничкиот воен виор, „го положи испитот на зрелост“, изградувајќи се од корисник во учесник во меѓународни мисии. Со тоа дојде и до најголемото поместување на точката на рамнотежа во меѓународните односи кога станува збор за македонската борба за зачувување на националниот идентитет и право на самоопределување пред налетот на грчките оспорувања – признавањето на уставното име и стратегиското партнерство со САД.

akt161-Gruevski-Bush-orden-4

- Претседателе Буш, дозволете ми во името на Владата на Република Македонија, во мое лично име и во името на сите македонски граѓани, да Ве поздравам и да Ви се заблагодарам за придонесот што го имавте за стабилноста на нашата земја. Поддршката што ја дадовте за Македонија ја препознаваат и ја ценат денешните генерации Македонци и таа силно ги зајакна темелите врз кои се градат односите меѓу нашите држави. Во периодот кога бевте претседател, Република Македонија и САД потпишаа Декларација за стратегиско партнерство. Би сакал да знаете дека признавањето на Македонија под уставното име од страна на САД и личната поддршка што ја дадовте во текот на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, ќе останат врежани во македонската колективна меморија – рече премиерот Никола Груевски при врачувањето на Орденот на Република Македонија на поранешниот американски претседател, Џорџ Вокер Буш.

 

akt161-George-Bush-3

АМЕРИКАНСКА ОДМАЗДА?

Еден дел од документите кои протекоа од американската администрација и кои беа објавени на „Викиликс“, го привлекоа вниманието на Балканот. Имено, како што објави грчкиот весник „Та неа“ пред неколку години, „Грција, на средбата на НАТО во Букурешт во 2008 година, била казнета поради наложеното вето на барањето на Македонија за членство во Алијансата, при што гневот на администрацијата на Џорџ Буш тогаш го забавило присоединувањето на Грција кон американската програма за безвизни патувања“. Во документот, тогашниот американски амбасадор во Атина признава дека „гневот на Кабинетот на Буш поради грчкото вето на молбата на Република Македонија за членство во НАТО во април 2008 година поради спорот за името, ја забавило кандидатурата на Грција за присоединување кон таа програма. Така, Грција, заедно со Република Кореја, не била меѓу шесте европски земји поканети за учество во програмата во октомври 2008 година, чекор протолкуван од Грција како политичка ‘казна’“, објави „Та неа“.

 

akt161-Gruevski-Bush-orden-5

Македонскиот народ, јазик, име

Полемиките за причините за американското признавање на уставното име на Република Македонија брануваат и денеска, но неоспорно е дека тој чин одигра многу важна улога во меѓународната заедница. САД се моќни играчи на меѓународната политичка сцена. Тоа што за САД во 2004 година беше признавање „за придонесот во воспоставувањето на мултиетничка демократија“, во Грција одекна како бомба. Тој одек не стивнува ниту денеска, особено што американската администрација не потклекнува под притисокот на Грција при секое споменување на официјалното државно име.

Момент за паметење во македонската колективна историја беа говорите на Џорџ Вокер Буш во пресрет на Самитот на НАТО во Букурешт, Романија, 2008 година и за време на Самитот. Тој отворено се заложи за прием на таканаречената А-3 група, Македонија, Хрватска и Албанија истовремено да се присоединат во Алијансата, а и дека вратата останува отворена и за други држави. Како резултат на грчкото противење, Македонија, сепак, остана надвор од НАТО, но пак, уште за време на Самитот беше најавено стратегиското партнерство меѓу Македонија и САД. На македонската делегација, на тогашниот претседател Бранко Црвенковски и на премиерот Никола Груевски Буш им посочил дека за него „Македонија веќе е дел од НАТО“, заради исполнување на критериумите и својот придонес за безбедноста и стабилноста во светот.

Но, во таа 2008 година дојде и изјавата од американскиот Стејт департмент. Даниел Фрид, помошник на државниот секретар, му одговори на грчкиот новинар кој го праша околу „постоењето на таканаречените македонски народ и јазик“.

- Јас не мислам дека е таканаречен. Македонскиот јазик постои, македонскиот народ постои, како што знаете, ние предаваме македонски јазик на Институтот за надворешни работи… – одговори тогаш Фрид. – Останува на луѓето да се дефинираат себеси. Етникумот е само факт. Прашањето на името е тоа што е на маса и тоа што треба да се дискутира – додаде тој. Оваа употреба на македонскиот народ и македонскиот јазик од Стејт департментот се случуваше десетина дена пред стратегиското партнерство меѓу САД и Македонија. Всушност, оваа дискусија во американскиот Стејт департмент ги отвори грчките карти за непризнавање на македонскиот идентитет и посебност, но и американскиот цврст став по тоа прашање.

На декларацијата, со која САД ја гарантираат безбедноста на Македонија, стојат потписите на поранешниот шеф на македонската дипломатија, Антонио Милошоски, и на Кондолиза Рајс од Кабинетот на Буш. Стратегиското партнерство содржи три елементи. Првиот се однесува на јакнење на соработката во однос на трговијата и на економијата, вториот е за зголемување на соработката во рамките на безбедносниот сектор, додека третиот е за изнаоѓање поконкретен начин за доближување и поинтензивни контакти на општествено ниво меѓу Македонија и САД.

akt161-Gruevski-Bush-orden-2

Орденот на Република Македонија, Џорџ Вокер Буш го доби на 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете држави. Указот за одликување беше потпишан од претседателот Ѓорге Иванов, на 21 септември.

- Во изминатите 20 години имавме поддршка од САД при стекнувањето на независноста, ја имавме нивната поддршка и во процесот на признавање на Република Македонија под нашето уставно име. Имавме поддршка од САД кога се работеше за најголемите кризи на Балканот и секако поддршката во областа на трговските односи – оценува македонскиот амбасадор во САД, Васко Наумовски, кој ја нагласува и македонската поддршка на САД во моментите кога била потребна, во мировните и во коалициски мисии на Блискиот Исток и во Авганистан.

Џорџ Вокер Буш е роден на 6 јули 1946 година. Син е на Џорџ Херберт Вокер Буш, 41. претседател на САД. Фамилијата Буш сè уште е една од најмоќните во САД, особено влијателна во Републиканската партија. Неговиот брат, Џеб Буш, е во трка за републиканската номинација за претседателските избори догодина. Буш постариот, за владеењето на синот посочи дека „се соочувал со најтешкиот предизвик од сите претседатели уште од Абрахам Линколн“.

Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 161. број на неделникот „Република“, 2.10.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top