Од утре до понеделник (11 октомври) во Скопје ќе се одржи Третиот интернационален танго маратон „Маратангон“. Настанот ќе обедени стотина танчери од земјата и светот, четворица странски танго диџеи и претставници од неколку танго школи од регионот.
„Маратангон“ се одржува во организација на Школата за танго Фамилија Тангови Скопје и првпат оваа година со поддршка на Амбасадата на Република Аргентина.
Амбасадорот на Аргентина во Македонија со седиште во Софија, Гилермо Салвадор Азрак денеска на прес-конференција рече дека преку овој настан ќе се продлабочи танго култура меѓу Македонија и Аргентина и најави дека тој ќе биде искористен за презентација на дел од аргентинската литература.
Амбасадорот Азрак оцени дека односите меѓу Македонија и Аргентина се добри и дека тие се развиваат во сите сфери иако има простор за нивно интензивирање, особено на економски план. Најави дека деновиве во Скопје ќе има средби со претставници на Агенцијата за инвестиции и Стопанската комора.
Марија Бејкова од Школата Фамилија Тангови посочи дека тие веќе четири години активно се занимаваат со промоција и ширење на тангото како танц но и танго културата воопшто преку редовни танго часови и работилнци, семинари со етаблирани инструктори од странство, како и презентации проекции на танго филмови и редовни милонги – танго игранки на разни локации во градот.
Тангото е само суб култура на еден поголем феномен – танго културата стара повеќе од 130 години, никната во Буенос Аирес во тешки социо-економски прилики и мешавина од култури, народи, стилови на музика, но со еден единствен печат, човечката душа и сите нејзини бои. Тангото е нестандардизиран танц, мешавина од елементи од повеќе танци, танц кој постојано се развива, надоградува и прима влијанија од новите модерни текови, но и од територијата која ја освојува.За овој танц исто така се многу важни и емоциите.
Третиот по ред интерационален танго маратон во Скопје започнува утревечер во МКЦ Клуб ресторанот, а ќе се одвива на две локации, во МКЦ Клуб ресторанот и х.„Порта“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.