Патот од Тирана до Елбасан излезе најдолгиот пат во историјата на фудбалската игра и срам за најважната споредна работа на светот. Се работи за квалификацискиот меч меѓу Албанија и Србија и патот што српските репрезентативци треба да го минат од главниот град на Албанија до Елбасан, каде што вечерва од 20.45 часот ќе се игра дуелот меѓу двата соседа и големи ривали.
Место да се говори само за спорт и за фудбал како што постојано пропагира УЕФА, предиграта на мечот добива исклучително политички контури, а целата ситуација се заканува со непосакувана ескалација. Бирократите од УЕФА уште еднаш покажуваат дека се некадарни да го постават неопходниот ултиматум сè да помине беспрекорно, во спортски дух.
Шокантно е што со експедицијата на Србија, која минува низ гологота во Албанија, има и специјален пратеник од УЕФА, кој остана нем на каменувањето на автобусот во кој се гостинските репрезентативци. И сега нема чаре како да нареди без проблеми да се мине најдолгиот пат во историјата на фудбалот од само 45 километри од Тирана до Елбасан. Во име на фудбалот и како стоп за политиката во спортот.
Впрочем, УЕФА ја утна работата и по првиот меч во Белград. На пропустите на организаторите, европската куќа на фудбалот одговори со многу попусти. Затоа имаше невиден политички скандал со истакнување знаме на непостојна држава, Голема Албанија, а потоа и недозволен упад на домашни навивачи и ќотек за албанските репрезентативци. И затоа сега со леснотија има нови закани од некакви „црвени бригади“ и разноразни таканаречени терористички организации, дека српските репрезентативци воопшто не се безбедни. Исто како што не беа ниту албанските играчи на мечот одигран на стадионот на Партизан.
Најкомотно минуваат предизвикувачите на инциденти. Ликови како Иван Богданов и Исмаил Морина. Едниот познат како „касапот од Џенова“, а вториот како „летачот на дрон од Белград“. Тие комотно си поигруваат и со УЕФА и со сите љубители на фудбалот. Прават што сакаат, а УЕФА изгледа апсолутно немоќно во битката со предизвикувачите на инциденти. Оттаму патот на српските репрезентативци од Тирана до Елбасан, долг само 45 километри, стана најдолгиот пат во историјата на фудбалот. А, допрва следува „тоа вистинското“ и мечот на „Елбасан арена“ вечерва од 20.45 часот. Меч што предизвикува огромно внимание на сите делови на планетата, за жал досега не заради самиот фудбал, игра штоплени со витештво, чесна битка на зелениот терен, туку поради политиката и политиканството. И тоа, за жал, со огромна помош од неспособните бирократи на УЕФА.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.