| четврток, 6 декември 2018 |

Нови книги од Ханиф Курејши и Дејвид Мичел во издание на „Или-или“

Утре, 9 октомври, од печат излегуваат преводите на актуелните романи на англиските писатели Ханиф Курејши и Дејвид Мичел, „Последниот збор“ и „Илјадагодишната есен на Јакоб де Зут“, во издание на „Или-или“, во чијашто популарна едиција „Проаза“ досега на македонски јазик од истите автори, читателите можеа да уживаат во прозните ремек-дела „Интимност“ и „Нешто да ти кажам“ (Курејши) и „Атлас на облаците“ (Мичел).

По тој повод, в петок и в сабота во книжарницата „Или-или“ ќе се одвива промотивна продажба, при што љубителите на пишаниот збор ќе можат да ги набават овие два нови наслова по намалени, промотивни цени. Инаку, преводот од англиски на македонски јазик на романот на Ханиф Курејши, „Последниот збор“, е на Калина Јанева, додека за преводот на наградуваниот роман на Дејвид Мичел, „Илјадагодишната есен на Јакоб де Зут“ беше задолжен Ацо Пероски.

Илустрациите на кориците на книгите се на Марија Смилевска, а дизајнот на „Бригада“. Излегувањето на книгите е дел од програмата „Креативна Европа“ на Европската унија.

unnamed

Ханиф Курејши (1945) е британски романсиер, драматург и сценарист со индиско- пакистанско потекло. По преселувањето во Англија, завршува философија во Лондон, паралелно пишува и ја објавува својата прва драма во 1976 година. Во 1985 година го пишува сценариото за филмот „Мојата прекрасна пералница“, кој заработи номинација за „Оскар“. Неговиот прв роман, „Буда од преградието“ (1990) ја доби наградата за најдобар дебитантски роман, а подоцна беше екранизиран во ТВ-серија на „Би-Би-Си“. Романот „Интимност“ (1998), издаден од „Или-или“, исто така, се најде на филмското платно, и заработи две „мечки“ на Берлиналето. На одличен прием кај македонската читателска публика наиде и романот „Нешто да ти кажам“ (2008), кој го сметаат за еден вид пандан на Буда – и обата романа претставуваат коментар на едно време, само што младешкиот занес на Карим од Буда е заменет со помирувањето со средното доба и сиот негов багаж на Џамал.

„Последниот збор“ (2014) е најновиот роман на мајсторот Курејши, како еден вид врв во неговото досегашно творештво.

Во седмиот роман на Курејши, младиот биограф Хари Џонсон добива задача да ја напише биографијата на Мамун Азам, великан на постколонијалната книжевност, кој, по смртта на првата жена, живее во Сомерсет со втората сопруга, Италијанката Лијана. На едно поопшто рамниште, романот се занимава со прашањето на улогата на писателот во општеството и начините на кои раскажувањето се користи во создавањето на идентитетот. Извесни критичари го толкуваат делото како „роман со клуч“ за тринидадскиот нобеловец Видија Најпол, кој го поканил биографот Патрик Френч на својот имот во Вилтшир, а делото што произлегло го прикажало авторот како сноб преполн со предрасуди, прељубник и посетител на проститутки. Од друга страна, пак, Хари како да пројавува извесни карактеристики на самиот Курејши: стравот на биографот дека ако соработката не успее, ќе мора да предава креативно пишување е, можеби, шега на сопствената сметка на Курејши, кој држел ваков курс на универзитетот „Кингстон“.

„Последниот збор“, покрај главното дејство и можните метафикциски елементи, содржи и подлабоки промислувања за пишувањето, читањето и биорафијата, како и нивната судбина во една, можеби, посткнижевна култура.

unnamed (1)

Дејвид Мичел е еден од највпечатливите „нови гласови“ во современата британска книжевност. Роден е во 1969 година во Англија, а живеел во Италија, Јапонија и во Ирска. Автор е на пет романи и добитник на голем број меѓународни литературни признанија. Книжевната критика особено ги издвојува неговите романи „број9сон“ (2001), „Атлас на облаците“ („Или-или“, 2004) и „Илјадагодишната есен на Јакоб де Зут“ (2010) како исклучителни книжевни дела, кои се одликуваат со стилска, тематска и естетска впечатливост. Засега последниот роман на Мичел, „Коскени часовници“, беше објавен кон крајот на минатата, 2014 година.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top