| четврток, 6 декември 2018 |

Од 15 октомври почнува вакцинацијата против сезонски грип

Од 15 октомври почнува вакцинацијата против сезонски грип. Во Република Македонија се увезени 31.000 дози вакцина против грип и до крајот на оваа недела ќе бидат дистрибуирани во сите центри за јавно здравје во државата.

Ова денеска го истакна д-р Јованка Костовска, државен советник во Министерството за здравство, која рече дека вакцината што е увезена е произведена согласно со препораките на Светската здравствена организација и штити од три типа вирус на грип и тоа од типот А (Х1Н1), типот А (Х3Н2) и од групата Б. Вакцината е од холандскиот производител „Абот“.

– Сите граѓаните кои се заинтересирани да се вакцинираат треба да се јават во центрите за јавно здравје и да се вакцинираат. Вакцината е препорачана најмногу за постарите лица, хроничко болните лица, посебно оние со кардиоваскуларни и респираторни заболувања, дијабетес, како и за бремени жени, здравствени работници и за мали деца со намален имунитет, посочи Костовска и додаде дека вакцинирањето против сезонски грип чини 400 денари.

Таа потсети дека од почетокот на август во сите служби за имунизација почна вакцинацијата со шествалетните вакцини, а во првата недела од септември и со петвалентните вакцини.

– Досега со шествалентните вакцини се вакцинирани 4.300 деца, со петвалентните вакцини околу 3.000 деца. Значи околу 7.300 деца веќе ги примиле овие поливалентни вакцини. Тие по еднаш се боцнати, а ќе требаше да бидат по два пати или три пати боцкани доколку не беа поливалентните вакцини. Вака со едно боцкање се заштитија од повеќе болести. Не сакани реакции нема, освен една пријавена за зголемена температура која поминала, рече Костовска.

Потенцира дека очекуваат и опфатот за имунизација да биде многу повисок со овие вакцини.

Во врска со пнеумококната вакцина или вакцината против стрептококус пнеумоние која ја обезбедиле и не е задолжителна, рече дека секој родител кој сака може да го вакцинира своето дете со оваа вакцина во службите за имунизација и таа е бесплатна.

– Досега по службите за имунизација се поделени околу 600 дози од оваа вакцина, која најмногу помага и ги штити децата до петгодишна возраст и тоа од заболувања, како што се пневмонија (воспаление на бели дробови, уво, менингит) и други заболувања. Препорачана е за деца со намален имунитет или за сите деца до пет години посебно за оние што одат во градинка – додаде Костовска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top