| четврток, 6 декември 2018 |

Објавена е-книгата „Мали портрети на седум македонски композитори“ на Тина Иванова и Ангелина Димовска

Е-книгата „Мали портрети на седум македонски композитори“ на музиколозите Тина Иванова и Ангелина Димоска во издание на ЦЕМ, како што сугерира и насловот портретира седум македонски автори ( Мирослав Спасов, Јана Андреевска, Вања Николовски-Ѓумар, Роберт Саздов, Никола Коџабашија, Панде Шахов и Михаило Трандафиловски) кои и` припаѓаат на средната генерација македонски композитори. Во оваа книга, Иванова и Димоска преку есеистички приод сакаат да дадат иницијална мотивација за понатамошно поопсежно истражување во оваа насока, бидејќи, во моментов, навистина е скудна литературата за музика која се однесува на композитори од поновата генерација.

Иако имаат сосема различен уметнички профил овие седум композитори ги спојуваат неколку работи – дел од нив занаетот го стекнале кај истите професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје, и` припаѓаат на генерацијата растена во 70-тите и 80-тите години на минатиот век, го искусиле политичкиот, општествениот, па и уметничкиот вредносен систем и на поранешна Југославија, а потоа и на независна Македонија, биле сведоци и на транзицијата… Скоро сите овие автори живеат или живееле надвор од Македонија, или имале можност да го печат занаетот во многу поразвиени образовни центри, и сиот свој разнолик културен багаж да го преточат во своите дела.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top