| четврток, 6 декември 2018 |

Наезда од волци во пелагониските села

По жалбите од страна на жителите на селата Подино и Ивањевци, ловџиите од ловното здружение „Сокол“ од Битола,огранизираа хајка за време на викендот, која заврши со три отстрелани волци. Овчарите велат дека волците многу се намножиле така што неколку години наназад им ги преполовуваат стадата. Волците веќе одамна слегуваат во селата, а влегуваат во трлата,  ги дават овците, или пак ги напаѓаат овците додека пасат по околните ливади.

„Оваа година ми уништи пет овци, а секоја година ми прави зијан по толку. Ако се оддели од стадото, таа овца жива не се враќа“, вели  Боне Бошевски, сточар  од село Подино.„Лани десетина грла ми изеде, а и годинава неколку овци ми уништи“, рече Борис Велевски, сточар од Ивањевци.

10 ловџии од ловното здружение „Сокол“ ја организирале заседата на глутницата во која имало повеќе од 10-тина волци. Тие сметаат дека се потребни поголем број вакви акции, за да може да се намали наездата од волци.

„Зафативме помал дел од теренот, пуштивме и кучиња, се позициониравме, застрелавме 5 волци, три угинаа, а два се ранети“, рече Димче Баревски, ловочувар во ловното здружение „Сокол“.

По намножувањето на волците, забраната за негов отстрел е укината, Неколку години по ред волците им прават големи штети на сточарите, така што тие не се заштитен дивеч. Министерството за земјоделство доделува и награда од 50 евра, за секој што ќе застрела волк.


 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top