Станбениот објект бр. 68 на булевар „Илинденска“ во Скопје доби нова фасада во рамки на проектот на Министерството за култура за реставрација и конзервација на фасади од староградска архитектура, кој се реализира од 2012 до 2017 година. Тој е последниот од петте планирани објекти на „Илинденска“ на кои им е вратен автентичниот изглед.
Претходно, на „Илинденска“ беа обновени и фасадите на Детскиот културен центар „Карпош“ и на три станбени објекти, меѓу кои и објектот познат како МЦМ.
Објектот бр. 68 е изграден во 1929 година. За обновата на фасадата беше надлежен НУ Конзерваторски центар Скопје, а изведувач а.д. „Пелагонија“ од Гостивар. Вратен му е првобитниот изглед од периодот меѓу двете светски војни, има две нијанси на жолта боја, идентична на автентичната.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска го посети објектот и изјави дека интензивно се работело на проектот за кој од буџетот биле издвоени 6.800.000 денари.
– Направена е целосна конезрвација на фасадата и делумна реконстркција на објектот, целосна замена на покривната конструкција. зачувана е целокупната орнаментика која е карактеристична за овој објект, изграден во 1929 година. Конзервацијата на фасадата, орнаментиката, кованата ограда го вратија сјајот, со што е зачувана и меморијата за историксиот развој на градот Скопје. Со овој објект го завршуваме проектот за споменици на културата како поединечни добра на овој потег, на ул. „Илинденска“. Сите пет се завршени и се ставени во употреба, рече министерката за култура.
Раководителот на проектот, Анета Таневска, виш кустос во Конзерваторскиот центар-Скопје, додаде дека на објектот бр. 68 екипата работела од крајот на април до август.
– Беа направени сондажни истражувања за колористичка обработка на објектот. За заштита од атмосферски, надворешни влијанија, направено е препокривање на објектот со нов, автентичен материјал. Лимарскиот дел е, исто така, реставриран, така што со оваа реставрација се доби комплетен изглед на оваа улица од аспект на културно наследство, рече Таневска.
На промовирањето на новата фасада министерката Канческа-Милевска соопшти дека проектот за обнова на фасади од стари градски јадра ќе продолжи во Скопје. Готови се основните проекти за конзервација и реставрација на пет објекти во споменичната целина Стара скопска чаршија, за кои ќе почнат тендерските процедури и од идната година ќе почне нивната обнова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.