Годинашното 11. издание на манифестацијата „Бела ноќ“ што ќе се одржи на 3 октомври, сабота, ќе изобилува со изложби, перформанси, инсталации, концерти, бесплатен филмски маратон во Кино „Милениум“ и мултимедијален спектакл.
Официјално манифестацијата „Бела ноќ 2015“ ќе биде отворена во 20.30 часот во Музеј на Македонија, каде што ќе биде поставена изложбата „Црвен петел – црна кокошка: култови на плодност, обреди, обичаи и верувања“. Изложбата претставува дел од култовите на плодност што се практикувале на територијата на Македонија од предисторијата до денес, а ќе биде дополнета со настап на групата џоломари од селото Бегниште – василичарски обред со маски.
На плоштад „Пела“ ќе има модна ревија на модно студио Црнокрак; концерт на „Д протагонист“ и на Словенците „Д строј“.
Во Музеј на Град Скопје ќе има изложбата „Ерос и танатос“ на која ќе учествуваат Kирчо Арсовски, Атанас Ботев, Билјана Василева, Роберт Дандаров, Горјан Ѓорѓиев, Шќипе Мехмети, Јасминка Новковска, Александар Станкоски и Kрунислав Стојановски; Национална галерија (Мала станица) со „Во кој свет живееме“ (2012, 2013, 2014 година);
Културно-информативниот центар со изложбата „Четири пози“ на авторите Никола Мартиновски, Васил Василев, Мирослав Масин и Никола Ангековски;
Куршумли-ан со изложбата акварел и темпера на Ана Димчевска – „Зигот“;
Школка (Градски парк) на кој ќе се организира Панк-рок фестивал;
Концерт на платото пред МКЦ;
Галиерија МКЦ со изложба на Горјан Ѓорѓиев „Протест – сексплозија“ Горно фоаје на кино Фросина -Мултимедијален перформанс: Ист мит Вест;
МКЦ – хол/плато Антони Мазневски – Времено 52’;
Дансинг сала – МКЦ -мултимедијална изложба– светлечки кутии на Сашо Поповски– Реалноста на виртуелното;
Дарко Заревски – изложба на две слики „Види, нема слики“ – (35х54; 85х44); Кристина Зимбакова – „Потоморена револуција“;
Мајка Тереза, плато – настап на „Ребис“ – Кореографија на улица;
Градска библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје – Музичко-поетска програма: Промоција на Библиографија на монографски публикации „Скопски писатели“ од Сузана Данаилова;
Дом на културата „Кочо Рацин“ – проекција на документарен филм (30 мин.) на Дороти Пачкова;
Во временскиот интервал од 17 до 22 часот ДКЦ ќе биде отворен за активности како на пример, цртање, танцување, глумење (импровизации), едукативни игри, а со децата ќе работат едукатори, кои се непосредно одговорни за работилниците што се одржуваат во центарот.
И годинава Градско кино „Милениум“ со уште еден бесплатен филмски маратон за „Бела ноќ“. За филмовите „Ничие дете“ и „Зимски сон“ треба да подигнете билети од билетарница на кино „Милениум“. Еден посетител може да подигне најмногу два билета. Билети можете да подигнете на билетарницата на кино „Милениум“ во сабота (3.10) од 10.00 часот. За преостанатите филмови не е потребно да подигнете билети.
Исто така, на улица „Македонија“ Венета Иљовска ќе учествува со свои пишани изданија и со материјали што ја претставуваат кореспонденцијата на пишаниот збор со визуелните форми на комуникација; а во „Дом на АРМ“ ќе се одржи изложба на копаничарски дела од автори од Македонија.
Како и секоја година, така и оваа година, во рамките на „Бела ноќ“, граѓаните на град Скопје ќе имаат можност за бесплатно попладневно матине во Зоолошката градина. Влезот е бесплатен од 17.00 до 19.00 часот.
Организатор на манифестацијата „Бела ноќ“ е Младинскиот културен центар, а Градот Скопје, како покровител, за успешна реализација на оваа специфична ноќ исполнета со уметност и со музика, од Буџетот за 2015 година одвои 3,5 милиони денари.
На денот на одржување на „Бела ноќ“, организиран е бесплатен транспорт со линиите 8 и 15А на ЈСП од 17.00 до 16.00 часот, како и бесплатен транспорт со автобусите на ЈСП од 19.00 часот, на сите линии кон центарот на Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


