| четврток, 6 декември 2018 |

Роденденот на Катица – ден на жалост за СДСМ

Откако Специјалниот Јавен Обвинител Катица Јанева го објави списокот на обвинители кои ќе соработуваат со неа во случаите кои и’ припаднаа, реакцијата на опозиционерите по социјалните медиуми беше слична како при нејзиниот избор: беа радосни во првите 2 часа по изборот.

Иако врвот на раководството на опозиционерите во неколку прилики искажал максимална поддршка за Јанева, следбениците на социјал-демократите по социјалните мрежи прогласија ден на жалост откако некој од нивните експерти аналитичари и јасновидци фрлил гравчиња и успеал да ги дознае омилените партии на обвинителите кои Јанева ги избра за свои соработници.

Па така, според неофицијалните резултати кои излегоа од баењето 2 часа после објавувањето на списокот, од 14 обвинители, 7 обвинители се обожаватели на ВМРО-ДПМНЕ, 4 обвинители се фанови на ДУИ, а тројца обвинители не следат политика и не се замараат воопшто.

„Ова е страшно. Очигледно е дека нешто не е во ред со Јанева, тоа го знаевме два часа после нејзиниот избор кога видовме кои фан-страници на фејсбук ги има лајкнато, стана уште појасно кога видовме како се облекува, а сега од истото ова партизирано судство во кое не веруваме и кое е под тотална контрола на Никола Груевски, Јанева одбра не еден, не два туку 14 обвинители. Трагедија!“, напиша еден резигниран фан на СДСМ на својот фејсбук профил.

Се шпекулира дека група на приврзаници на СДСМ под менторство на Бранко Героски побарале средба со Јанева на која сакале да ја замолат ако може и ако не и претставува преголем проблем да им даде нив да ги водат случаите „Пуч“ и „Прислушување“ бидејќи они знаат како треба, а таа може да згреши како што понекогаш греши при изборот на кошули.

Доколку Јанева не се сложи на ова, тие се подготвени да носат црно до април како знак на жалост поради смртта на демократијата и правдата во Македонија, а неколкумина од нив се пријавиле доброволно да си извадат по едно око, како симболика на слепилото на правдата која не ја гледа нивната добра волја, правичност, поседување на ексклузивитет на вистината и немањето потреба од капацитет за толеранција на ставовите различни од нивните.

Дознаваме дека е веќе започната петиција за собирање потписи на „Бихаќка“ за прогласување на 09-ти февруари, роденденот на Катица Јанева, за Ден на жалост на СДСМ која би била повлечена само доколку Јанева ги затвори сите пратеници, министри и 450.000 гласачи на ВМРО-ДПМНЕ.

 

 Кромиди Запад

Кромиди Запад

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top