| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе бара ли Заев и гаранции за изборна победа?

 

nenad mircevski2

Ненад Мирчевски

Зајадливите шеги дека СДСМ може да победи на избори единствено ако ВМРО-ДПМНЕ не учествува, по сѐ изгледа, Заев ги прифатил како сериозна тактика за освојување на власта. Но, ако се вистинити информациите пренесени од меѓупартиските преговори кои го откриваат начинот на кој опозицијата се обидува преку измени на Изборниот законик да ѝ го ограничи правото на владејачката партија да води политичка кампања, тогаш крајно време е некој во СДСМ да го вклучи алармот за тревога. И тоа не само за доброто на граѓаните, туку и за доброто на нивната партија. Македонија сигурно нема да биде подемократска земја ако политичката борба се води со забрани и со ограничувања. Ниту ако на избори учествуваат политички анонимуси од партиските подмладоци или инстант политичари за една употреба. Можеби Заев во случајот се води по сопствениот пример, но суштината на демократијата е секој да има право да бира и да биде биран.

Ако во моментот во опозицијата никој меѓу тие што имаат некакво влијание во креирањето на политиката нема капацитет да ја исцрта долната граница на одговорно однесување кое во исто време значи сопирање на процесот на самоуништување, тогаш барем меѓународните посредници, гарантите на договорот од Пржино, би требало да им укажат дека инфантилни политичари не можат никогаш да преземат власт, дури и ако некој од меѓународната заедница ги фати за рака и ги седне на премиерската фотелја.

Уште еднаш, ако е точно тоа што го пишуваат медиумите, а, со оглед на тоа дека опозицијата не ги демантирала пишувањата, е вистина, се поставува прашањето која е целта на ова барање? Рамноправна битка или свесно стопирање на сите процеси во државата? Дали раководството на СДСМ воопшто има сериозна намера да придонесе за поставување здрави темели кои ќе овозможат сериозни демократски промени во општеството, или пак сѐ се сведува на гола борба за освојување на власта?

Ако целта со забраната за учество во кампањата е да се сопрат сите активности на владата, тогаш тоа не само што е несериозно, туку е и многу опасно, колку за граѓаните толку и за опозицијата. Ако ова барање е веќе поставено на маса, во СДСМ треба да молат Бога да не го прифати ВМРО-ДПМНЕ, затоа што дури тогаш изборите ќе бидат вистински масакр за опозицијата.

Ако Заев пресметал дека со забраната за учество на функционери во кампања ќе ги принуди да поднесат оставка, пресметал ли колкава штета ќе му нанесе тоа на имиџот на неговата партија? Самото ограничување на работата на министерствата и на другите државни институции ќе значи целосен колапс на системот. Кој ќе биде одговорен за проблемите со кои ќе се соочат земјоделците, социјалните случаи, пензионерите, здравството…? Кој ќе биде одговорен за сопирањето на изградбата на патиштата и на другите капитални проекти? Кој ќе ги плати штетите предизвикани од несериозното барање на опозицијата?

Како опозицијата ќе се оправда пред граѓаните дека застојот не е по нивна вина? Што мислат во СДСМ, кој ќе биде одговорен ако евентуално административците, земјоделците или социјалците по која било причина во тој период останат без плати, без субвенции и без надоместоци? Кој ќе биде виновникот за стопирањето на процесот на остварување на граѓанските права?

Свесни ли се дека ваков Изборен закон ќе значи помоќна кампања за власта од која било друга телевизиска промоција или реклама на ВМРО-ДПМНЕ? Што мислат во СДСМ, за кого ќе гласаат оние граѓани кои ќе претрпат штета поради немоќта на опозицијата да направи соодветна програма? Ова ли е платформата за враќање на средната класа?

Очигледно дека креаторите на политиката во СДСМ не гледаат подалеку од носот, па со вакви решенија наместо да ја намалат разликата, ја оддалечуваат партијата дури и од теоретските шанси за победа на претстојните избори.

Ваквиот пристап во преговорите може да не ги загрижува опозиционерите единствено ако некоја точка од договорот во Пржино, за кој за волја на вистината јавноста знае многу малку, предвидува изборна победа на Заев по секоја цена. Ако е така, тогаш ред е да се информираат сите граѓани за да не се чудат постојано на нелогичните решенија кои произлегуваат од меѓупартиските преговори.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top