Околу 90 милиони килограми грозје се откупени досега од годинашната реколта или 60 отсто од очекуваните 150 до 180 милиони килограми.
Како што соопшти денеска директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Румен Стаменов, откупот се врши на вкупно 94 пунктови од страна на 85 правни лица, а исплатата е согласно законските одредби, односно според шеќерните единици, а не според сортата.
– Јасно кажуваме дека грозјето се откупува по квалитет, а не како досега, по сорта. За килограм „вранец“ со 19 шеќерни единици цената е 13 денари, додека за килограм „смедеревка“ со 17 шеќерни единици цената е 11 денари ако се земе предвид дека една шеќерна единица кај „вранецот“ е 0,68 денари, а кај „смедеревката“ 0,64 денари – истакна Стаменов на прес-конференција.
Директорот потенцира дека див откуп нема да се толерира. Во сите региони каде што се презема грозјето се распределени 24 инспектори кои работат и за викенди, како и попладне, до 22 часот.
– Ако кој било граѓанин или политичка структура има информации за какви било нерегуларности нека го извести Инспекторатот кој има капацитет и ќе реагира веднаш, апелира Стаменов.
Тој ги демантираше вчерашните информации од опозициската СДСМ дека „кратошијата“ се откупува по осум денари или пет денари помалку од наводната гарантирана цена.
-На Зоран Георгиев од СДСМ сакам да му кажам дека нема веќе загарантирана цена, туку само цена според шеќерни единици зашто целта е да е стимулира квалитетот – нагласи Стаменов, посочувајќи повеќе примери на веќе откупено грозје по 20 денари за килограм.
Директорот на Инспекторатот рече дека не се точни и наводите за наводното користење небаждарени ваги и несертифицирани инструменти при откупот.
Стаменов посочи дека некои од откупните компании во Кавадарци, Росоман и Штипско веќе исплатиле 20 отсто од преземеното грозје и ваквиот пример можеби, како што рече, е добро да го следат и останатите.
Инспекторатот вршејќи контроли на терен досега спречил пет обиди за див откуп на грозје, а се соочил и со компании кои вештачки сакале да ја симнат цената на грозјето преку негов брз откуп, за само два до три дена. Во овој случај тие од надлежните се задолжени на производителите да им надоместат со по еден денар повеќе за секој преземен килограм.
Според директорот Румен Стаменов, деновиве врнежливото време го забави откупот, но веќе се очекува негово повторно интензивирање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.