Доколку возачот бил врзан, плус воздушните перничиња и завеси, нема шанси да излета од возилото, тврдат стручњаци за сообраќај, за денешен „Утрински весник“.
Штом телото излетало од возилото, тоа значи дека не било врзано со сигурносен појас, велат стручњаци за сообраќај со кои контактираше „Утрински весник“. Автомобил како „мерцедес“, опремен со воздушни перничиња и со завеси, до најситна можност ја исклучува опцијата возачот да биде отфрлен доколку бил врзан. Вештаците, кои инсистираат на анонимност за да не ѝ пречат на истрагата околу смртта на новинарот Никола Младенов, се обидуваат хипотетички да одговорат што се случува со заштитната опрема при удар.
– Не постои правило. Системите за воздушни перничиња различно реагираат во различни возила. Генерално, прагот на толеранција би требало да е до 3 – 3,5 Г или да речеме забавување на брзината на возилото над 30 метри во секунда на квадрат. Меѓутоа, импулсот на сила не мора да е забавување. Може автомобилот да е запрен, а перничињата да се активираат при мали, ама силни удари. Од друга страна, можеш со багер да го туркаш возилото, а перничињата да не се отворат бидејќи ударите се бавни – објаснуваат стручњаците.
Според досегашните сознанија на истрагата, „мерцедесот“ на Младенов прво удрил во левата банкина и нагло свртел десно, по што ја пробил банкината и паднал во провалија. Професорите велат дека при удар во десниот преден дел, тогаш мора да се активираат перничињата напред и на десната страна.
– Телото, доколку е слободно, при таков сериозен удар целосно оди напред и поради тесниот простор градите се забиваат во управувачот, а главата удира во ветробранското стакло. Постои можност и телото да се исфрли од страните. Тоа се случува при ротација околу вертикална оска или, пак, при тумбање. Но, доколку телото било врзано со сигурносен појас, нема шанси да излета. Во практиката досега не е регистриран таков случај – велат професорите по сообраќај.
„Мерцедес Е класа“ е едно од најмоќните и најопремените возила. Неофицијално, дознаваме дека блиските на Младенов најмиле идентичен автомобил и со голема брзина ја возеле клучката кај Хиподром за да видат како ќе реагира возилото. Немале ниту најмал проблем.
Низ јавноста излегоа информации дека стучњаци на „Мерцедес“ следната недела ќе дојдат во Скопје за да извршат вештачење на смачканото возило. Во текот на вчерашниот ден контактиравме со претставници на „Мерцедес“ во Скопје, од кои деновиве очекуваме дополнителни информации дали експерти од Германија евентуално би се вклучиле во проверка на техничката исправност на возилото.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.