Со изведбата на претставата „Мажите се поинакви, а жените исто така“ на Дамис Дантес од Швајцарија на 3 октомври, сабота, во Театар Комедија во Скопје почнува осмиот Интернационален фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз 2015“ кој ќе трае до 7 октомври.
На три сцени – во Театар Комедија, Драмски театар и малата сцена на Македонската опера и балет (МОБ) ќе се одиграат вкупно пет претстави од кои две се пантомима и три се физички театар. Гостите се од Швацарија, Романија, Бугарија, Чешка и првпат од Грција.
Фестивалот, свесно или несвесно, според селекцијата ќе биде посветен на машко-женските односи и на вечната тема кој кого слуша.
– Фестивалот го отвора нашиот стар познаник Дамир Дантес од Швајцарија, кој е добитинк на првата награда од првото издание на „Панфиз“. Оваа година акцентот е ставен на физичкиот театар. За да се направи ваков фестивал се потребни многу средства. Годинава ние се потпревме на стари пријателства. Како што се развива економската и политичката ситуација во светот, тие групи и театари си бараат финансиски средства. „Панфиз“ е еден од ретките фестивали во Европа кои се занимаваат со пантомима и со физички театар – изјави Трајче Георгиев, уметнички директор на Фестивалот.
По отворањето, на 4 октомври првпат на Фестивалот гостуваат Романци со претставата „Кешчевецсе“ во Драмски, потоа на 5 октомври е Бугаринот Јасен Попов со „Граници“, гостите од Чешка се на 6 октомври на малата сцена на МОБ, а фестивалот се затвора со „Пиеса за двајца“ на театарот од Грција. По претставата ќе се прогласи и победникот на „Панфиз“ кој ќе добие парична награда во висина од 300 евра.
Цената на билетите е 100 денари, а оваа година Министерството за култура го помогна фестивалот со 400 илјади денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.