Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата, во попладневните часови, ќе се одвива по наместа влажни коловози.
Патниот правец Р-103 Неготино-Радовиш односно Неготино – Штип преку Лакавица, поради оштетување на мостот бр.9 преку реката Вардар, целосно е затворен за сите видови на сообраќај, како и за пешаци. Поради тоа сообраќајот е пренасочен преку патниот правец Неготино – Криволак – Пепелиште и тоа само за лесни возила.
Според известување добиено од компанијата „Геинг“, за потребите за изработка на проектна документација за реконструкција и за рехабилитација на патниот правец А3/Р1-312, делница Велес-Кадрифаково како експресен пат, ќе се извршуваат активности на патот, кои ќе бидат поделени во две фази. Првата фаза почна на 27.03.2013 година, кога ќе се врши геодетско снимање и ќе бидат поставени две табли за известување за работа на пат, од кои едната ќе биде поставена на клучката кај Велес, а другата на клучката кај Кадрифаково.
На патниот правец Гостивар – крак Маврово кај с. Церово се врши реконструкција на мостот и сообраќајот се одвива регулирано со семафори за наизменично пропуштање на возилата и по една коловозна лента.
На патниот правец Демир Капија – Удово, кај тунелите на Демир Капија, се изведуваат градежни работи на пат. За тоа има поставено светлосна сообраќајна сигнализација (семафори), која го регулира сообраќајот. Можни се повремени кратки застои во одвивањето на сообраќајот на тој дел од патот.
АМСМ препорачува внимателно возење, приспособена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците што минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево и Берово – Виница, каде е можна почеста појава на одрони.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


