| четврток, 6 декември 2018 |

Папандреу бара од Обама да ја спаси Грција

Поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу упати апел до американскиот претседател Барак Обама да ја спаси Грција од економска пропаст и да ја убеди Германија да преземе мерки за запирање на економската криза во Европа

index„За гаранциите да бидат цврсти, потребна е поддршката на најголемата и сè уште најдинамичната економија во светот. Тука треба да дојде Обама, американскиот претседател може да помогне да се реши европската економска криза со умна економска дипломатија која досега неговата администрација не ја покажа. Обама мора да го потсети Берлин како САД ја помогнаа Германија не само низ Студената војна туку и во бурната деценија по падот на Берлинскиот ѕид и падот на комунизмот. Обама мора да ја убеди Ангела Меркел да направи се што е потребно за Европа да профункционира и да и ја гарантира помошта на американскиот народ. Тимот на Обама ги повика Европејците да преземат решителни чекори, од финансирање на инфраструктурата до преземање на долговите на заедничко ниво, за да се врати порастот во потонатите европски стопанства. Европските лидери ги одбија овие предлози. Ние не бараме за милостина. Освен крај на неизвесноста, на Грција, која се менува и има голем потенцијал и се потребни инвестиции“ пишува Папандреу во текст објавен во списанието Форин Полиси, за вториот мандат на Обама.

Во овој текст поранешниот грчки премиер и наследник на една од грчките владејачки династии вели дека Грција долго време ја следела „европската доктрина на сурово кратење на расходите“, но дека тоа, сепак, не ги убедило меѓународните финансиски пазари да и веруваат на Грција, поради неизвесноста околу грчкото останување во еврозоната.

Папандреу повикува на Зелен маршалов план, кој Обама би го претставил при посета на Грција, кој би подразбирал искористување на неодамна откриените резерви на природен гас на дното на Средоземно Море и енергетско поврзување на Блискиот Исток, Средоземјето и Европа. Папандреу до неодамна беше вонреден професор на престижниот американски Универзитет „Харвард“, каде што предаваше за европската криза и за кризата на демократијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top