| четврток, 6 декември 2018 |

Казна од 400 евра за возење преку 50 км/ч во населено место

мвр

Глоба од 400 евра во денарска противвредност ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 65 негативни бода на возачот што во населено место се движи со брзина поголема од 50 километри на час над дозволената брзина. Ова го предвидува Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата што го усвои Собранието на Република Македонија на вчерашната седница.

Покрај глобата, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција, забрана на управување моторно возило од шест до 12 месеци.

Со Законот е предвидена глоба од 300 евра во денарска противвредност, односно регистрирање 50 негативни бода за возач што во населено место се движи со брзина поголема од 30 до 50 км/ч над дозволената брзина. Покрај глобата, на возачот ќе му се изрече и забрана на управување на моторно возило од три до 12 месеци, под услови и начин утврдени со Закон.

Казна од 45 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода на возач што во населено место се движи со брзина поголема од 10 до 30 км/ч над дозволената брзина.

Казна од 10 евра во денарска противвредност, односно 10 негативни бода за возачот што постапува спротивно на одредбите од Законот е предвидена за возач што во населено место се движи со брзина поголема до 10 км/ч над дозволената брзина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top